Трамп ќе го именува Шанахан за министер за одбрана

од desk4
177 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го именува Патрик Шанахан за нов министер за одбрана.

Шанахан, поранешен директор на „Боинг“, на таа функција се наоѓа од 1 јануари како вршител на должност.

– Вршителот на должност Шанахан изминатите неколку месеци покажа дека е повеќе од квалификуван да го води Министерството за одбрана и продолжи одлично да ја извршува таа работа, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Шанахан рече дека е почестен од објавата на претседателот Трамп. Тој додаде дека, доколку неговиот избор биде потврден, „ќе продолжи со агресивната примена на националната стратегија за одбрана“.

Тој на функцијата го замени Џејмс Матис, кој поднесе оставка, како причина наведувајќи ги политичките разлики.

Шанахан (56) додека беше на функцијата вршител на должност министер за одбрана се фокусираше на примена на националната одбранбена стратегија развиена за време на мандатот на Матис, која го нагласува преминувањето од тактиката и ресурсите потребни за водење мали војни против екстремистичките групи на она што го нарекува натпревар со „големите сили“ – Кина и Русија.

Ова е третпат во историјата на САД Пентагон да го води вршител на должност министер.