Работник во Тетовско со камен го убил холандскиот газда

од desk2
149 прегледи

Државјанин на Холандија, сопственик на расадник за украсни дрвца во тетовско село Прељубиште е убиен на имотот, дознава МИА од извори во истрагата.

Од СВР Тетово информираат дека во полицискиото одделение во Јегуновце е пријавено дека има најдено мртво тело на имотот на расадникот „Еуроплантс“.

– Полициски службеници како и јавен обвинител се заминати за Прељубиште за да започнат увид. Од увидот треба да дознаеме повеќе детали за случајот – соопштија од СВР Тетово.

Од тетовското Обвинбителство соопштија дека јавен обвинител врши увид на местото на кое 45-годишен жител на тетовското село Јанчиште, денеска во 13,30 часот го убил неговиот работодавец, 60-годишен државјанин на Кралството Холандија.

– Настанот се случил во расадник во селото Прељубиште, сопственост на сега починатиот. Осомничениот вработен во расадникот најпрвин започнал вербална расправија, а потоа и физичка пресметка со работодавачот. Притоа тој му задал удар со камен во главата и му нанел смртоносни повреди – соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител издал наредби за обезбедување на траги и нивно натамошно вештачење и наредба за обдукција на починатото лице, а одземени се и видео записи од мобилен телефон на очевидец на настанот.

Осомничениот е лишен од слобода, а истрагата во обвинителството продолжува до целосно расчистување на случајот.