Шефот на мисијата на ОН за мониторинг на прекин на огнот во Ходеида, генерал полковник Михаел Лолсгард изјави дека набљудувачите ќе го проверат повлекувањето на бунтовниците од пристаништата Ходеида, Салиф и Рас-Иса во вторник.
Хутите вчера соопштија дека почнаа да се повлекуваат од пристаништата во согласност со договорот постигнат во декември минатата година.
И јеменската Влада и бунтовниците Хути се согласија да се повлечат од Ходеида, пристаниште преку кое се одвива 70 проценти од увозот на храна и хуманитарна помош во Јемен, но тие и понатаму се поделени за тоа кој треба да управува со пристаништата по повлекувањето.
Во Јемен со години трае граѓанската војна помеѓу бунтовниците Хути и меѓународно признаената Влада на претседателот Абд Рабо Мансур Хади.
Саудиска Арабија и нејзините сојузници од 2015 година интервенираат на страната на Хади, додека Хутите имаат поддршка од Иран.
Јемен е една од најсиромашните арапски држави, која се сочува со најголема хуманитарна криза предизвикана од војната.