Кралицата на поп-музиката, Мадона ја објасни својата одлука да пее на „Евровизија 2019“ во
Израел, велејќи дека секогаш ќе зборува во заштита на човековите права, како и дека се надева
дека ќе види „нов пат кон мирот“, пренесе „Ројтерс“.
Поп-пејачката ќе биде гостинската ѕвезда во финалето во сабота во Тел Авив. Местото на
исполнување предизвика повици за бојкот од страна на пропалестински активисти кои сакаат
компании, изведувачи и влади да „раскрстат“ со Израел.
Коментирајќи ја за првпат одлуката да пее во финалето на „Евровизија“, Мадона изјави: „Никогаш
нема да престанам да свирам музика поради нечиј политички интерес, ниту ќе престанам да
зборувам против нарушувањето на човековите права, каде и да се случува тоа во светот“.

„Срцето ми се кине секој пат кога ќе чујам за невини жртви во овој регион, а насилството
продолжува да служи за политичките цели на луѓе кои имаат корист од долгогодишниот конфликт.
Се надевам и се молам дека наскоро ќе се ослободиме од овој маѓепсан круг на деструкција и ќе
преземеме по нов пат кон мирот“, додава 60-годишната пејачка.
Се очекува Мадона да исполни две песни – еден од своите најголеми хитови и парче од
претстојниот нов албум „Madame X“, кој ќе излезе на музичкиот пазар во јуни.
За Мадона ова ќе биде четврта посета на Израел. Нејзината последна изведба во земјата беше во
2012 година, како дел од нејзината турнеја MDNA.