Кинески дипломат ги обвини САД за економски тероризам

од Vladimir Zorba
121 прегледи

Висок кинески дипломат ги обвини САД за спроведување на „економски тероризам“, засилувајќи ја на тој начин реториката во позадина на трговската војна меѓу Пекинг и Вашингтон, која не дава знаци за скоро завршување.

Заменик-министерот за надворешни работи на Кина, Џанг Ханхуеи ги обвини САД за „отворен економски тероризам“ и дека неговата земја се противи на користењето на „прекумерна сила“ како наметнување на трговски санкции, тарифи и протекционизам.

„Тоа намерно поттикнување трговски конфликт е отворен економски тероризам, економски шовинизам и економско малтретирање“, изјави тој пред посетата на кинескиот претседател Си Џинпин во Русија следната недела, цитиран од Франс прес.

Си ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин и ќе зборува на голем форум за инвеститори во Санкт Петербург.

„Ние сме против трговската војна, но ние не се плашиме од неа“, рече Жанг, додавајќи дека сите губат за време на трговската војна.

„Овој трговски судир ќе има сериозно негативно влијание врз глобалниот економски развој и закрепнување. Ние дефинитивно ќе се справиме со сите надворешни предизвици, ќе направиме нешто добро, ќе ја развиваме економијата и ќе продолжиме да го зголемуваме животниот стандард на нашите два народа“, рече тој, мислејќи на Кина и Русија. „Во исто време, имаме доверба, решителност и способност да го заштитиме суверенитетот, безбедноста, почитувањето и развојот на нашата земја“.

Трговските тензии меѓу Вашингтон и Пекинг ескалираа нагло претходно овој месец, откако администрацијата на американскиот претседател Трамп ја обвини Кина дека отстапила од претходните ветувања да направи структурни промени во своите економски практики. Следуваше зголемување на американските царини од 10% на 25% за увоз на кинески стоки за 200 милијарди долари, а Пекинг објави дека од 1-ви јуни ги зголемува до 25% своите царини врз американски стоки за 60 милијарди долари.