
Новото засилување на Реал Мадрид, Еден Азар официјално го потпиша договорот. Белгискиот техничар беше заедно со претседателот на „кралскиот“ клуб, Флорентино Перез при парафирањето на договорот. Неколку минути подоцна, поранешниот играч на Челзи позираше со белиот дрес без број.
Азар беше официјално облечен – со костум и вратоврска.
„Денес е еден многу специјален ден за сите фанови, бидејќи доаѓа еден извонреден фудбалер, различен, способен да го претвори фудбалот во нешто возбудливо и изненадувачко“, беа првите зборови на претседателот Перез.
„Тука секогаш веруваме дека можеме да постигнеме невозможни работи. За таа цел ќе имаме прекрасен состав, предводен од нашиот голем тренер Зидан“, рече уште Флорентино.
„Здраво на сите“, започна на шпански Азар, потоа продолжи на француски.
„Мојот шпански не е многу добар. Благодарем на претседателот, моето семејство. Многу сум амбициозен да играм со овој дрес и да освојам многу трофеи. Од дете сонувам да играм за Реал Мадрид и само сакам да уживам во овој момент. Мерси, благодарам!“, изјави 28-годишниот фудбалер за време на краткото обраќање.
? Los #RMFans pidieron a @hazardeden10 que besara el escudo… ¡Y LO HIZO!#WelcomeHazard | #HalaMadrid pic.twitter.com/eEOqChtRnJ
— Real Madrid C.F.⚽ (@realmadrid) June 13, 2019
Само неколку минути подоцна, Еден веќе беше облечен во фудбалски дрес и слезе да ги поздрави навивачите. Според „Марка“, околу 50.000 гледачи се собрале да го поздрават нивниот нов идол. Белгиецот го бакна амблемот на „кралскиот“ клуб и освои бурни овации од трибината.
Покрај добредојде на новата аквизиција, публиката не ја пропушти можноста да побара од Флорентино Перез уште еден „Галактико“ со скандирање: „Го сакаме Мбапе“.