МВР Билтен

од Vlatko K
121 прегледи

На 21.06.2019 во 11.10 часот од страна на полициски службеници извршен бил претрес во куќа и помошни простории, сопственост на Р.Р.(59) од Дебар поради постоење основи на сомнение дека А.Р.(36) (син на Р.Р.) извршил кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претресот пронајдена била метална кутија во која имало неколку запалки за рачна бомба и три рачни бомби, неколку рамки за различен вид оружје и 18 куршуми од различен калибар. А.Р. бил приведен за понатамошна постапка.

На 21.06.2019 во 16,30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на обиколницата „Мајка Тереза“, кај клучка Приштина во правец од Тетово кон Радишани, се случила сообраќајна незгода меѓу товарно моторно возило „МАН“ со скопски регистарски ознаки управувано од Д.Н.(37) од Куманово, патничко моторно возило „Јети“, сопственост на МВР, и патничко моторно возило „БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.А. (22) од Гостивар. Двајца полициски службеници вршеле радарска контрола и го запреле возилото „БМВ“, а потоа во нив удрило товарното моторно возило. По ударот, возилото „БМВ“ се запалило. На местото на настанот починал совозачот во возилото „БМВ“, Р.А.(34) од Гостивар. Со возило на Итна медицинска помош А.А. и двајцата полициски службеници С.Б.(37) и Г.А.(48) биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, но во болницата С.Б. им подлегнал на повредите. Извршен бил увид на местото на настанот од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Скопје и се работи на целосно расчистување на случајот.

На 21.06.2019 година во 22,50 часот било пријавено дека товарен воз кој се движел во правец Гевгелија-Скопје, пред Демир Капија удрил во А.Н.(мигрант) од Пакистан, кој од здобиените повреди починал на местото на настанот. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Гевгелија. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.

На 21.06.2019 година во 12,50 часот во Полициска станица Центар З.З.(37) од Скопје, пријавила дека на улицата “Македонија“ била касната од куче скитник во пределот на десната потколеница.

На 21.06.2019 година во 14.25 часот во Полициска станица Центар Л.Л.(59) од Грција, со престојувалиште во Скопје, пријавил дека на плоштад Македонија, бил каснат од куче скитник.

Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против O.Н.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил две кривични дела „тешка кражба“, при што се стекнал со противправна имотна корист од 90.000 денари.Пријавениот ги извршил делата на 07.06.2019 и на 08.06.2019 година. Додека возел велосипед се доближувал до оштетените и при разминување им ги кинел златните ланчиња. На 14.06.2019 година тој бил приведен во Полициската станица Бит Пазар, каде било извршено препознавање од оштетените.