
Во разговор со генералниот директор на „Нормак“, Арбен Халили, министерот се обврза да ги следи потребните постапки за да може Владата да го изгради надвозникот кој ќе ја поврзе зоната со автопатот, што е од клучно значење за реализација на планираниот развој на оваа зона, која се менаџира според моделот за јавно-приватно партнерство.
„Јас се надевам дека и ‘Глас Флекс’ за скоро време ќе се придружи на групата на успешни компании кои придонесуваат во економскиот раст, зголемување на извозот, рамномерен регионален развој, креирање на нови работни места и раст на странските инвестиции во Република Северна Македонија. Воедно би ја искористил оваа прилика и да ги повикам компаниите да ги користат бенефициите од Планот за економски раст и мерките кои предвидуваат поттикнување на развојот на компаниите“, рече Бектеши.
Менаџерот на проектот Гоце Пешов објасни дека во ТИРЗ Тетово од страна на Друштвото за производство и трговија „Глас Флекс“ се гради индустриски комплекс за производство на калено, ламинирано и други видови специјални стакла.
„Објектот содржи производствена хала и простор за администрација со површина од 9.000 м². Со градбата е отпочнато кон крајот на 2018 година, а градежните активности се планира да се завршат до крајот на месецот. Во август ќе се постават инсталациите во објектот. Машините се од Финска и Шпанија, а ќе се монтираат во август“, истакна Пешов.
Оваа фабрика планира да почне со производствени активности во октомври, а како што открива менаџерскиот тим, најголем дел од производството е наменето за извоз – 80 отсто, додека 20 отсто за домашниот пазар.