Работниците со ниски месечни примања од државата покажале голем интерес за користење на ваучерите од 15 илјади денари што ги нуди Министерството за економија, во рамки на јавниот повик објавен на 17 минатиот месец преку Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи за 2019 година.
– Претходните две години најголем процент од работниците ги искористиле вачуерите во хотелите во Охрид, Попова Шапка, Маврово и Берово, изјави Хаџиу.
Хотелите и капацитетите за сместување се од прва до петта категорија, а најголем дел од втора категорија.
Податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека има зголемување на бројот на домашни туристи. Бројот на домашните туристи во април 2019 година, во однос на април 2018 година, е зголемен за 6, 5 проценти, се наведува во соопштение на ДЗС објавено на 12-ти јуни годинава.
Во периодот јануари – април годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 2,4 проценти при што кај домашните туристи има зголемување за 5, 4 проценти. Државниот завод за статистика за овој период регистрира и зголемен број на ноќевања особено кај домашните туристи за 4,4 проценти.
За да аплицираат за ваучер, работниците треба да пополнат барање кое може да се најде на веб страната на Министерството и покрај основни податоци за барателот, потребно е да се наведат и имињата на членовите на семјеството и да се потпише изјава. На веб страницата е наведено дека изјавата треба да се завери кај нотар.
Еден работник може да поднесе едно барање, а предност ќе имаат оние кои првпат аплицираат за добивање потврда за одмор. Министерството ќе води евиденција за секоја потврда кој ја користи и во кој угостителски објект за сместување ќе се користи на принцип „прв дојден, прв услужен“. Барањата за добивањето на потврдата ќе ги разгледува комисија формирана од министерот.
Мерката има два аспекти. Од една страна им се овозможува на работниците со ниски приходи да користат годишен одмор во еден од хотелите од државата, а од друга страна на хотелиерите им се овозможува да ги пополнат туристичките капацитети и надвор од туристичката сезона и со тоа да го зголемат приходот.
Јавниот повик ќе трае до 30 август годинава. Работниците ќе можат да го користат годишниот одмор најдоцна до 30 ноември годинава.
Работниците треба да ги достават барањата со уредна документација до архивата на Министерството за економија на улица „Јуриј Гагарин“ 15, Скопје.
Александра Максимовска МИА