Скопските општини со многу дивоградби и по еден градежен инспектор

од desk2
85 прегледи

Во речиси сите скопски општини има по еден овластен градежен инспектор, исклучок се општините Аеродром, Центар и Кисела Вода кои имаат по два. Истражувањето што го спроведе Онлајн платформата #СамоПрашај, покажува дека инспекторите од скопските општини во првите пет месеци годинава извршиле 457 надзори и издале 152 решенија за отстранување /уривање.

Во речиси сите скопски општини има по еден овластен градежен инспектор, исклучок се општините Аеродром, Центар и Кисела Вода кои имаат по два. Ова го покажуваат податоците на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ).

Истражувањето што го спроведе Онлајн платформата #СамоПрашај, финансирана од Британската амбасада во Скопје, покажува дека инспекторите од скопските општини во првите пет месеци годинава извршиле 457 надзори и издале 152 решенија за отстранување /уривање.

Во општина Аеродром градежниот инспектор извршил 56 надзори и издал 8 решенија за отстранување, односно уривање на објектите кои отстапувале од дозволите. Од нив, три биле отстранети од самите странки, во два случаи интервенирала општината, а преостанатите три се во процедура.

Во општина Центар пак, извршени се 74 надзори и издадени се 31 решение за отстранување на урбана опрема, станбени и деловни објекти, доградба на постојни објекти, огради, рампи, блокатори и инфраструктурни градби. Во оваа општина неодамна беше спроведена и акција за отстранување на нелегално поставена урбана опрема. На листата беа 16 кафулиња и кафеани од Дебар маало чии тераси отстапувале од одобренијата кои им ги издала општината.

Двајцата овластени градежни инспектори на општина Кисела Вода во анализираниот период извршиле 41 инспекциски надзор при пријави и редовни контроли, при што издале три решенија за отстранување на градби, од кои две за градба на ограда и едно за градба на настрешница.

И општините Гази Баба, Карпош, Бутел и Ѓорче Петров имаат по еден градежен инспектор.

– Најмногу работа, според податоците кои ги добивме, имал надлежниот инспектор на Гази Баба. За првите пет месеци од годинава извршил 133 надзори на колективни и индивидуални станбени објекти, деловни и помошни објекти. По тоа, инспекторот издал 35 решенија за отстранување на објекти и тоа: 3 решенија за отстранување на деловни објекти и 32 решенија за отстранување на станбени или помошни објекти – велат од #СамоПрашај.

До крајот на мај оваа година, надлежниот инспектор на општина Карпош изготвил 26 записници за извршен инспекциски надзор и издал две решенија за отстранување на доградба на деловен објект и на киоск.

Градежниот инспектор од Ѓорче Петров, пак, извршил 58 надзори и издал 13 решенија за отстранување на диво изградени објекти. Десет од нив се однесуваат за помошни објекти, две решенија се за незаконски доградби и едно за станбен објект.

Педесет и девет инспекциски надзори извршил овластениот градежен инспектор на општина Бутел за првите пет месеци од годинава. Во овој период издадени се 20 решенија за отстранување од кои 8 за пречекорување на градбите на индивидуални куќи. Останатите 12 се однесуваат на незаконски градби се стопански, деловни и помошни објекти и огради, велат од општината.

Најмалку работа имал инспекторот во Шуто Оризари – излегол на терен 10 пати и издал решенија за уривање на пет објекти – семејни куќи и стопански објекти.

– Иако Шуто Оризари е во очигледна градежна експанзија, според бројките во Катастарот за недвижности и според одговорите кои ги добивме, излегува дека ова е општина со најмалку издадени одобренија за градба и со најмалку надзори од градежните инспектори – наведуваат од #СамоПрашај.

Општина Чаир минатиот месец беше во акција во Старата чаршија каде се отстрануваа терасите кои кафанџиите ги поставиле без дозвола. Според објавените информации, општинските власти изготвиле 35 решенија за отстранување на дивоградби на територијата на Чаир.