Заев: Жртва на измама од која треба да се извлечат поуки

од desk4
174 прегледи

Македонскиот премиер порача дека нема намера да поднесе оставка по објавените разговори со руските комичари кои му се претставиле како украинскиот претседател Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

    
NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens (Getty Images/AFP/T. Zenkovich)

По објавувањето на снимката во која двајца руски комичари – „пренкстери“, познати под прекарите Вован и Лексус, му направија телефонска измама на македонскиот премиер Зоран Заев, тој одржа прес-конференција на која истакна дека бил жртва на добро организирани структури чија цел е нанесување на директна штета на стратегиските интереси на државата за членство во НАТО. Заев посочи дека манипулациите доаѓале од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација за ширење на влијание на трети страни.

„Тие се служат со дезинформации и станува збор за класична политичка дискредитација“, порача македонскиот премиер, наведувајќи дека не е единствениот политичар кого го измамиле руските комичари  Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столјаров), туку дека „нивни жртви“ се и на пример генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, поп-легендата Елтон Џон и.т.н. „Листата покажува дека сум во добро друштво“, рече Заев, кој истакна и дека во објавената снимка се направени сериозни интервенции во некои делови чиј контекст не е автентичен, упатувајќи притоа во прв ред на делот кој се однесува на автокефалноста на Македонската Православна Црква. Останатите делови од објавените разговори, како што рече, само ги потврдуваат неговите определби кои јавно ги истакнува.

Според Заев, овој скандал е најнов аларм како за Северна Македонија, така и за сиот демократски свет сериозно да им се спротивстави на лажните вести и на манипулациите. Тој најави дека владата итно ќе заседава за да разгледа сериозни промени во протоколите за безбедна комуникација и за преземање решителна акција против ширењето на дезинформации.

Премиерот ѝ се извини на јавноста поради скандалот, но уште истакна дека е жртва на својата отвореност со сите македонски партнери и со граѓаните и порача дека нема намера да поднесе оставка, оти од овој случај државата ќе излезе попаметна. Одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето, македонскиот премиер не се согласи со констатацијата дека е направена сероиозна грешка во протоколот, а ги негираше и обвинувањата дека во разговорите издавал и државни тајни.