Книгата „Да не обедини хорската песна“ и преводот на делото „Етномузикологија“ од германскиот автор Фриц Босе на албански јазик од авторот Беким Рамадани денеска беа промовирани во општина Тетово. Во авторската книга, Рамадани има напишано 23 хорски песни обработени од народни изворни песни.

-Тука се собрани хорски песни обработени врз народен мотив, 12 се на албански јазик, три на македонски, по една на влашки, бугарски, грчки,српски и руски. Се обидувам да испратам една порака дека хорската музика нема граници и дека хорот како една формација е типична да ги обедини различните луѓе во една состав. Исто така, се обидувам да испратам порака дека музиката нема граници и дека кој пее зло не мисли и дека најубавото нешто што го направија музичарите од сите краишта е обработката на народниот мотив нешто што никогаш не изумира, рече авторот.
Мотивот за преводот на делото „Етномузикологија“ е потребата за квалитетна стручна литература на албански јазик.
-Книгата има 281 страница, има еден многу интересен материјал. Се работи за светската етномузикологија и националните музикологии, познат истражувач кој патувал низ разни земји на светот и така дошол до некои интересни сознанија. Кога првпат ја прочитав книгата на српско-хрватски ми беше интересно и помислив да ја преведам на албански за да биде достапна до студентите што студираат музички фолклор или етномузикологија, како и на педагозите, како и да биде дел од библиотеките, потенцира Рамадани.
Беким Рамадани е професор на Универзитетот во Тетово каде предава музички фолклор, нотографија, етномузикологија и музикологија. Автор е и на други 15 книги и многу научни трудови.