Во тетовското село Камењане вчера околу 14 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово го привеле 21-годишниот С.Ш од село Камењане, осуден на тригодишна затворска казна за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. С.Ш. бил спроведен во Казнено –поправната установа „Тетово“ за издржување на затворската казна.

Вчера полициски службеници го лишиле од слобода и привеле во Полициската станица Гостивар лицето Б.Б.(53) од село Градец, гостиварско, поради тоа што истиот ден во 14:15 часот го нарушил јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје на свадбена свеченост во тетовското село Камењане.
Вчера околу 21:20 часот на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници запреле патничко возило „Ауди А5“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(39) од Тетово, во кое се наоѓале и 18-годишниот С.Д. и 16-годишно лице, исто така, од Тетово. При преглед на возилото биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка и ризла.Тројцата биле лишени од слобода и по целосно расчистување на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Утринава во периодот од 2 до 8 часот на подрачјето на село Франгово, село Мали Влај и село Вишни, струшко, Регионалниот центар за гранични работи Запад спроведе акциска контрола за откривање на сторители при нелегална сеча на огревно дрво. Притоа, полициски службеници откриле и фатиле девет државјани на Република Албанија, од кои дел оствариле илегален влез, а дел легално влегле, но престојувале во Р.С.Македонија спротивно на целта на туристичкиот престој. Од лицата биле одземени моторни пили. По документирање на настанот против лицата ќе бидат преземени соодветни мерки.
Вчера од 8 до 13 часот СВР Штип спроведе засилена акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници. Притоа, контролирани се 93 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз, од кои 74 се упатени во станица за технички преглед. При контролите констатирани се девет неправилности, односно кај две е утврдена неисправност на уред за запирање, кај едно неисправен уред за управување, четири имале неисправни светлосни уреди и две непродолжена регистрација.. Санкционирани се и 18 останати прекршоци.
Вчера полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес извршиле контрола на техничката исправност на 43 автобуси и возила кои вршат јавен превоз на патници. Притоа, во Велес била утврдена неисправност на три возила од контролираните 21, во Кавадарци од контролираните 10 возила сите биле исправни и во Неготино контролирани биле 12 возила и ситe биле исправни. На возачите на неисправните возила им се изречени соодветни казни.
Вчера во периодот од 8 до 13 часот на подрачјето на СВР Струмица е спроведена акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници. Во акцијата се контролирани 84 возила, од кои 45 се упатени на вонреден технички преглед, при што кај шест од нив се констатирани неправилности, поради кои возилата се исклучени од сообракај и се издадени шест прекршочни платни налози.
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 16 јули извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, било констатирано дека девет возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле 11 возила, брзината ја надминале пет возачи, а тројца зборувале на мобилен телефон.
Вчера околу 14 часот на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово, К.О.(22) од Тетово, управувајќи патничко возило „Форд“ со тетовски регистарски ознаки, удрило во велосипедистот Д.Р.(18) и пешакот М.И.(18), двајцата од Тетово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле велосипедистот и пешакот и биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Тетово.
Завчера околу 17 часот на локалниот пат во гостиварското село Градец, С.Б.(50) од село Градец, управувајќи патничко возило „Мерцедес“ со германски регистарски ознаки, удрило во 48-годишниот И.С. од истото село. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил И.С. и бил пренесен во тетовската клиничка болница. Увид извршила екипа од СВР Тетово.
Вчера во 17:55 часот во Полициската станица Пробиштип, од Итна медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив на лекарски преглед се јавил Б.А.(61) од с.Трипатанци, кој при работа во рудник се здобил со повреда во пределот на градниот кош. Се работи на расчистување на случајот.
Утринава во 1:10 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сендвичара во центарот на градот едно лице извршило разбојништво и одзел пари и веднаш се преземени соодветни мерки, по што е приведен А.А.С.(36), при што кај него бил пронајден и одземен пиштол. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи НК за КР Прилеп поднесе кривична пријава против М. С. (21) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“. На 7 јули 2019 година во Прилеп, на улица „Гоце Делчев“, во ноќен клуб пријавениот ги спречувачл полициските службеници додека преземале службени дејствија за приведување на лице кое се бара по потерница, по што истиот бил приведен во ПС.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Н.С.(50) од село Мал Папрадник, општина Центар Жупа, вработен во Јавното претпријатие „Национални шуми“-Скопје, Подружница на шумско стопанство Стогово, Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,несовесно работење во службата”. На 3 февруари 2019 во село Долно Косоврасти, при контрола на товарно возило натоварено со огревни букови дрва, управувано од Н.Н. од Дебар, било констатирано дека Н.Н. не поседувал соодветни документи, по што на местото на настанот пристигнал пријавениот, кој доставил испратница за дрвата. Со наведените дејствија, пријавениот постапил спротивно на законските прописи и со пропуштање на дејствијата за вршење на должен надзор, нанел штета на Јавното претпријатие „Национални шуми“,Скопје, односно Буџетот на Северна Македонија.