МВР-билтен

од Vlatko K
190 прегледи

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(59) од село Табановце, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 7 јуни 2019 во Куманово, пријавениот на банкомат во два наврати употребил пронајдена платежна картичка, сопственост на Ц.М., при што неовластено подигнал парични средства во вкупен износ од 60.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Е.В.(19) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 19.12.2017 во Кичево, полициски службеници кај пријавениот пронашле и одзеле марихуана.

На 23 јули 2019 во 17.45 часот на крстосница од улиците „Железничка“ и „Винковачка“ во Охрид, П.Т. (35) од Битола, управувајќи патничко возило „Сеат“, удрило во пешакот Љ.Н.(70) од Охрид. Во незгодата Љ.Н. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид.

Вчера околу 19 часот кај приклучокот од Велес за Скопје, Т.З.(23) од Гостивар, управувајќи патничко возило „Опел корса“ со гостиварски регистарски ознаки, излетало од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот И.С.(24), кој бил пренесен во болницата во Велес. Увид извршила екипа од СВР Велес.

Утринава во два часот по полноќ во Полициското одделение Матејче било пријавено дека во село Ваксинце, општина Липково, има повредени странски државјаниПолициски службенци излегле на местото и ги затекнале А.Р.(23), М.К.(20), Х.А.(23) и Н.Т.(24), сите од Пакистан, кои имале повреди по телата. Според нивно кажување тие биле нападнати од неколку други лица од Пакистан кои побегнале потоа. Лицата биле пренесени во Ургентен центар Куманово, каде им била укажана лекарска помош, по што А.Р. и Х.А., кои имале убодни рани во пределот на ногата, биле пренесени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите биле задржани за лекување во болницата Куманово. Извршен е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 15 часот, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци го пронашле тринаесетгодишникот од Кавадарци, штитеник на домот „25 Мај“ од Скопје, за кој претходно беше пријавено дека самоволно ja напуштил установата. Тој бил предаден на надлежните служби.

Вчера во 8:50 часот во Полициската станица Карпош, вработен во Јавната установа Организациона единица Козле пријавил дека на 21 јули 2019 околу 5:45 часот самоволно од установата се оддалечила нивна 17-годишна штитеничка. Инаку, таа и претходно во повеќе наврати самоволно ја напуштала установата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Л.(21) и К.Л.(24), двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 8 мај 2019 во Медицински центар Кичево, пријавените физички го нападнале А.С.(35) и му нанеле телесни повреди.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против О.Л.(37) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад на службено лице во вршење на работи на безбедноста“. На 20 јули 2019 на улица „Радојца Новичиќ“ во Охрид, пријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

Вчера во 19 часот во Полициската станица Драчево, М.А.(53) од село Тисовица, скопско, вработен во ЈП „Национални шуми“ – подружница „Караџица“ – Скопје, пријавил дека истиот ден во 14.00 часот во село Вражали, скопско, на место викано „Ракида“, при вршење на службени дејствија, тој и неговиот колега Р.Х. дале знак за запирање на патничко возило „Опел Фронтера“ без регистарски ознаки, но возачот не застанал и се обидел да ги удри со возилото, по што побегнал. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против В.А.(37) и А.А.(45), двајцата од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во текот на јуни 2019 пријавените неколку пати ја загрозиле сигурноста на А.Р., од село Велешта, струшко, вработена како раководител на одделение за управување со градежно земјиште и недвижен имот во општина Струга, со тоа што и упатувале закани во врска со донесено решение за одбивање на нивно барање.