Шпанските законодавци денеска треба да гласаат за тоа дали вршителот на должноста премиер Педро Санчез да остане на функцијата, во спротивно во земјата ќе се организираат предвремени избори.
Локалните медиуми јавуваат дека синоќа „работите не изгледале добро“ за Санчез по разговорите меѓу неговата Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и левичарскиот сојуз Унидас Подемос кои, наводно, дале „мал напредок“.
На Санчез (47) му треба поддршката од Унидас Подемос за да освои просто мнозинство – повеќе „да“ од „не“ гласови, и да формира влада.
Денешниот круг гласање се одржува откако Санчез во вторникот не доби поддршка од 176 од вкупно 350 пратеници. По изборите на 28 април, на кои ПСОЕ освои 123 места, се уште траат преговорите со левичарската партија Унидас Подемос за формирање на левичарска коалиција која би имала вкупно 165 пратеници. Во тој случај, тие ќе сметаат на поддршка или воздржаност од помалите регионални партии, особено на каталонските партии кои се залагаат за независност од Шпанија.
Но, двајцата партиски лидери Санчез и Пабло Иглесијас никако да постигнат договор за коалиција, а министерските позиции и функции во потенцијалната влада ги заладија односите меѓу нив. Санчез не сака Иглесијас да биде заменик премиер или министер, по што Подемос Унидас понудил и други истакнати членови на партијата. Иако во петокот потпретседателката на Владата и членка на ПСОЕ Кармен Калво рече дека очекува договор за влада, Санчез во вторникот во Парламентот влезе без поддршка од Унидас Подемос.
Ако денеска Унидас Подемос го поддржи Санчез, и ако се воздржат од гласање регионалните партии од Каталонија и Баскија, тој ќе има доволно поддршка за да состави влада. Санчез е вршител на должност од почетокот на јуни 2018 година кога Парламентот му изгласа недоверба на конзервативниот премиер Маријано Рахој.
Ако пропадне и денешниот обид, Шпанците најверојатно во ноември ќе гласаат на нови избори