Мистерија на Куба: Утврдени промени во мозокот на американските дипломати

од desk2
190 прегледи

Со скенирање се утврдени промени во мозокот на американски дипломати кои работеле во Куба и кои пријавиле здравствени проблеми.

Во новото истражување резултатите покажуваат дека американските дипломати добиле симптоми слични на потрес на мозокот, па со тоа се продлабочи мистеријата за тоа што навистина им се случило на Куба. Опсежното снимање покажало дека во мозокот на луѓето има помалку бела маса во споредба кај здравите луѓе, но има и други разлики. Додека истражувачите очекувале дека погоден ќе биде малиот мозок, со оглед на симптомите кои дипломатите ги пријавиле поврзани со рамнотежата, проблеми со заспивање, главоболки и слично, истражувачите откриле промени во ткивото кое ги поврзува регионите на мозокот.

Докторката Рагини Верма од Универзитетот во Пенсилванија вели дека откриле обрасци во ткивото кои не се слични со ништо познато досега, не се слични со тоа што е познато кај мозочни болести или повреди.

Според д-р Рандел Свонсон, експерт за рехабилитација по повреди на мозок, нема сомнежи дека нешто се случило, но со снимање не може да се утврдат причините. Резултатите од анализата се објавени во Journal of American Medical Association.

Од американскиот Стејт департмент изјавија дека знаат за која студија станува збор и ја поздравија дискусијата на медицинската заедница за тоа важно прашање.

Од крајот на 2016 година до мај 2018 година неколку американски и канадски дипломати во Хавана се жалеа на здравствени проблеми од непознати причини. Некои велеа дека слушаат високи тонови на звуци додека се дома или во хотели, што најпрвин доведе до теорија за напад со звук. AP соопшти дека ФБИ не нашле докази дека тоа може да биде предизвикано со звучни бранови.

Во новото истражување учествуваат 40 американски дипломати тестирани на Универзитетот во Пенсилванија. Групната анализа покажала дека напредните снимки на мозокот откриваат разлики во мозокот на дипломатите, во споредба со 48 здрави луѓе на слична возраст. Лошата страна е што не може да се докаже дека промените во мозокот се случиле токму на Куба, со оглед на тоа што не биле направени скенирања пред да отидат на служба таму.

Универзитетот во Единбург вели дека новата студија има и други ограничувања кои ги слабеат резултатите, вклучувајќи ја и групата за споредба која не била рамномерно прилагодена на прегледаните пациенти.

Некои од дипломатите имаат симптоми кои не поминуваат, но состојбата на повеќето од нив е подобрена со физикална и работна терапија.

Што навистина им се случило на Куба останува мистерија.