„Сименс“ за 829 милиони долари ќе ја подобрува енергетската ефикасност на затворот „Гвантанамо“

од desk2
167 прегледи

Германската компанија „Сименс“ ќе работи на енергетската ефикасност на американската затворска база во Куба, Гвантанамо, каде што престојуваат затвореници осомничени за тероризам.

Според соопштението на Министерството за одбрана на САД, за планираните работи „Сименс“ ќе добие околу 829 милиони долари.

„Сименс“, како што е наведено, треба да ја зголеми енергетската ефикасност на кампот, а тоа ги вклучува системите за греење, клима-уредите и осветлувањето. Ќе се работи и на поставување на соларни панели, пренесуваат светските агенции.

Станува збор за подолготрајни работни зафати, чие завршување се очекува до април 2043 година.

По терористичките напади на 11 септември 2001 година, американските власти го претворија Гвантанамо во затворска база каде престојуваат осомничени и осудени за тероризам.

Методите на сослушување и малтретирање на затвотениците во Гвантанамо во последниве години беа мета на остра меѓународна критика./Макфакс