Осомничениот кој беше испрашуван за смртта на Instagram инфлуенсерката Екатерина Карагланова од Русија, признал дека тој го извршил убиството, соопшти руската полиција.

Во видео што го објави Обвинителството, Максим Гарејев признава дека ја избодел 24-годишната Русинка најмалку пет пати во вратот и градите.
Не е јасно под какви услови е дадено признанието и дали осомничениот имал адвокат присутен во моментот.
Карагланова беше најдена мртва во куфер во нејзиниот изнајмен стан во Москва, неколку дена откако нејзините родители ја пријавија за исчезната бидејќи не можеле да стапат во контакт со неа.
Таа беше успешна блогерка за патување и Instagram инфлуенсерка со илјадници следбеници, како и дипломиран доктор дерматолог.
Во видеото што го објави Истражната комисија, може да се слушне дека 33-годишниот Гарејев признава пред полицијата дека избувнал во расправија со Екатерина, која му била поранешна девојка. Тој вели дека таа „постојано го навредувала и понижувала“ и дека бил љубоморен поради нејзината нова врска.
„Не можев повеќе да поднесам“, вели тој.

Инспекторите претходно известија дека имаат видеоснимка од надзорните камери на зградата во која живеела Карагланова, на која се гледа дека Гарејев влегува во зградата и за кратко време излегува, во еден од деновите додека девојката била недостапна.
Според рускиот дневен весник Moskovsky Komsomolets, Екатерина неодамна почнала нова врска и планирала одмор во Холандија каде сакала да го прослави роденденот.