Илјадници нови тужби од потенцијални жртви на глифосат и лошо работење со фармерите во САД: Концернот „Баер“ има се повеќе проблеми поради преземањето на фирмата „Монсанто“.
Во Соединетите Американски Држави, во изминатите три месеци, се поднесени 5.000 тужби до „Баер“ поради средството за уништување плевел „Раундап“, кое го содржи спорниот глифосат. Со тоа, бројот на тужители се зголеми на околу 18.400.
„Баер“ ги изгуби првите три судски процеси поради глифосатот. Обесштетувањата што мора да ги исплати се огромни – станува збор за високи двоцифрени милионски суми. „Баер“ поднесе жалба бидејќи и натаму смета дека глифосатот не е штетен доколку правилно се употребува.
Компанијата од Леверкузен се надева дека судиите на следното судење ќе ги толкуваат работите поразлично од поротата.
Глифосатот не е единствениот проблем на „Баер“. Во моментот ниту работите со „Монсанто“ не одат добро. Поради поплавите и обилните врнежи од дожд на Блискиот исток, САД, како и сушите во поголем дел од Европа и Канада, побарувачката за производите на компанијата значително опадна. Претставувајќи ги бројките за работењето во второто тримесечје од оваа година, компанијата остана на првичната проценка на прометот во текот на целата година, но, со забелешка дека тоа изгледа „поамбициозно“.
„Баер“ планира годинава да го зголеми својот обрт на 46 милијарди евра, како и да ги зголеми резултатите од камата, даноци и други дополнителни влијанија на 12,2 милијарди евра. Во вториот квартал, прометот се зголеми за повеќе од една петтина на околу 11,5 милијарди евра, како резултат на преземањето на „Монсанто“. Кога ќе се земат предвид сите набавки и продажби, како и ефектите од девизниот курс, плус е само 0,9 проценти. Фактот дека сè уште има органски раст се должи на бизнисот со медикаменти кои се издаваат на рецепт.
Најголем раст забележа продажбата на средството кое спречува згрутчување на крвта „Ксарелто“ (Xarelto), како и очниот лек „Ејлеа“ (Eylea“. Резултатите се исто така позитивни кога станува збор за лекови без рецепт.
Сепак, вкупната заработка на Групацијата се намали за околу половина во вториот квартал и падна на 404 милиони евра. За тоа се „заслужни“ и трошоците за преземање на „Монсанто“, продажбата на фирмата „Д-р Шолс“ (Dr. Scholl’s), како и трошоците за реструктуирање на Групацијата, поради кои се затворија илјадници работни места.