Холивуд има нов неофицијален градоначалник.

Кастинг директорот Дејвид Рубин е избран за 35. претседател на Академијата за филмска уметност. Отсега тој ќе биде дел од водството на машинеријата што ги доделува најпрестижните филмски награди –Оскарите.
На вчерашниот состанок во седиштето на Академијата во Беверли Хилс, 54-члениот одбор во кој членуваат истакнати филмски работници како Стивен Спилберг, Лора Дерн и Вупи Голдберг, го избраа Рубин за наследник на претседателот во заминување Џон Бејли, кој се повлекува по две прилично бурни години на чело на институцијата што постои веќе 92 години.
Изборот не беше големо изненадување за познавачите на филмската индустрија. Иако е непишано правило дека не треба да се води активна кампања за изборот на оваа позиција, во изминативе неколку недели сѐ почесто се спомнуваше името на Рубин, како и на мејкап артистката Лоис Барвел.
Во портфолиото на Рубин како кастинг директор се вбројуваат филмови како „The English Patient“, „Men in Black“, „Cold Mountain“ и „Gravity“.
Во време кога Академијата се соочува со бројни промени на различни фронтови – намалениот интерес кја јавноста за Оскарите, сеизмичките промени во областа на дистрибуцијата на филмови, како и амбициозниот проект за музејот што веќе ги пречекори крајните рокови и буџетот и уште не е отворен – Рубин се смета за човек кој ќе управува „со цврста рака“ во организацијата чие членство порасна нагло од 5.765 луѓе во 2012 на 8.733 денес.

Иако одделот за кастинг директори во Академијата е релативно нов, датира од 2013 година, Рубин е ветеран во филмскиот бизнис и досега има служено на различни позиции во организацијата.
Во ера кога линиите меѓу филмот и телевизијата се замаглуваат до непрепознавање, Рубин стои цврсто со двете нозе и во двете сфери. Иако на Оскарите нема категорија за кастинг директори, Рубин има добиено две Еми награди за неговата работа во „Big Little Lies“ и „Game Change“ на HBO, а моментално е номиниран за „Sharp Objects“, исто така на HBO.
Додека Бејли беше претседател на Академијата, иако добиваше пофалби за напорите да продолжи со внесување разноликост во членството и во водството, организацијата сепак се соочи со низа самонанесени повреди и ПР кризи.
Лани одборот соопшти дека ќе се воведе категорија „Најпопуларен филм“, но само неколку недели подоцна ја повлече одлуката, откако наиде на бран остри критики и реакции.
Годинашното доделување на Оскарите остана без водители за прв пат по 30 години, откако Кевин Харт се повлече бидејќи беше откриено дека имал кажано хомофобични шеги во минатото.
Изминатите години Оскарите наидоа на критики за родова нееднаквост и недоволна опфатеност на припадници на малцински групи, како латино и афроамериканската заедница, меѓу номинираните за престижната награда.
Останува да се види дали доаѓањето на Рубин ќе биде некакво трајно решение за проблемите или оваа функција пак ќе стане претежно церемонијална, без влијание во американската филмска индустрија.