Во штипско Ново Село одбележани 95 години од смртта на Тодор Александров

од Vlatko K
164 прегледи

 Во штипско Ново Село денеска беше одбележана 95-годишнината од смртта на Тодор Александров. Секоја година одбележувањето и панихидата ги организира Здружението за одбележување  настани и личности што потекнуваат од оваа стара штипска населба. На панихидата во црквата во Ново Село присуствуваа и претставници на политичките партии на ВМРО ДПМНЕ и ГДУ.

– Како и секоја година досега и оваа сме овде да му оддадеме чест на вечниот претседател на ВМРО, Тодор Александров. Денес одбележуваме 95 години од убиството на овој голем човек, рече  Иван Јорданов, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ – Штип.

Претседателот на ГДУ Петар Колев, пак, побара по Тодор Александров да биде именувана  улица.

– Мислам дека е редно по 28 години Тодор Александров да добие своја улица во Штип. И тоа нашите членови, идни советници ќе го предложат . Се надеваме дека ќе ја добиеме поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, зашто ако тие сакале да го направат тоа, досега имале доволно време, рече Колев.

Жителите на штипско Ново Село, како и делегации на политичките партии, ја посетија и спомен-плочата на Тодор Александров. 

Слични содржини