Штипскиот Дом за стари лица, што почна да се гради во 2014 година ќе го чека новиот Закон за легализација на дивогради. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека овој објект, што е изграден до карабина ги нема одобренијата за градба. Иако Основното јавно обвинителство во Штип го повлече обвинението за бесправна градба за инвеститорот неговата изградба не може да продолжи.
-Навистина тоа е голем проблем и постојано повторувам дека тоа е еден од неколкуте големи проблеми што ни ги остави претходната локална власт. Токму затоа сакам и инсистирам да се работи по закон, за она што го почнуваме да има своја документација, градежни одобренија, а не да се започне нешто без сите законски процедури, за потоа да се запре и потоа да направиме уште поголем проблем, како што имаме со пензионерскиот дом, вели Бочварски.
Тој истакнува дека е во контакт со Владата за да се најде решение, но во моментов многу е комплицирана и тешка постапката за добивање одобренија, подготовка на техничка и урбанистичка документација. Затоа, како што вели Бочварски, во моментов најдобро решение е да се чека новиот Закон за легализација на дивоградби, со кој би се легализирал овој објект, кој сега има статус на дивогради.
Здружението на пензионери-Штип во објектот има инвестирано околу 600.000 евра и е изграден само до карабина. Во него беше планирано да се обезбеди сместување на над 90 пензионери од Штип и источниот регион. Објектот е изграден на местото на пранешниот воен ресторан Вардар, во близина на касарната „Јане Сандански“-Штип.