
Шпанија губеше скоро целиот натпревар против Австралија, но направи целосен пресврт за победа од 95:88 (22:21,10:16, 19:18, 20:16, 9:9, 15:8) по две продолженија и се пласираше во финалето на Светското првенство по втор пат во својата историја.
Случајно или не, првиот пласман во меч за титула на Европејците повторно беше во Азија – на Светското првенство во 2006 година во Јапонија, каде триумфираа како шампиони, а сега ќе спорат за златото и во Кина.
Така, 13 години по најголемиот успех во својата историја, на петок на 13-ти, „Фуријата“ е повторно финалист.
Марк Гасол со 33 поени, 6 скокови и 4 асистенции, како и серија клучни одигрувања беше најпродуктивниот за победниците. Рики Рубио забележа „дабл-дабл“ со 19 поени и 12 асистенции, а Серхио Љул се вклучи извонредно од клупата со 17 поени и 4/10 од тројка.
Пети Милс и неговите 34 поени не беа доволни за победа на Австралија, а Ник Кеј заврши со 16 поени и 11 скокови. Џо Инглс постигна само 4 поени, но имаше 10 скока, 7 асистенции и 1 одземена топка.