„Континентал“ затвара фабрики во Европа и Америка

од desk2
104 прегледи

„Континентал“ планира десетгодишен процес на реструктуирање на деловните активности, кој ќе резултира со затворање на фабрики во Европа и САД во обид да се обнови профитабилното работење во време кога продажбата на автомобили забавува на клучните пазари.

Компанијата не соопшти колку работни места ќе бидат изгубени, но се проценува дека глобално ќе бидат погодени 20.000 од 244.000 работници на оваа компанија. Реструктуирањето ќе опфати 7.000 вработени во Германија, каде што „Континентал“ вработува 62.000 луѓе.

Меѓу фабриките кои ќе бидат опфатени се погоните за производство на пумпи под висок притисок, дизел и бензин инјектори, како и хидраулични системи за сопирање.

Директорот на компанијата, Елмар Дегенхарт, изјави дека „Континентал“ ќе го намали бројот на вработени и ќе понуди алтернативни работни места каде што тоа ќе биде можно, но не ја отфрли ни можноста за директно давање отказ.

„Континентал“ најави дека во иднина ќе има нови нови вработувања во сегментот висока технологија, како што е софтверско инженерство. Овој производител на автомобилски компоненти планира да инвестира околу 1,1 милијарди евра до 2029 година во процесот на реструктуирање, за од 2023 година да започне со остварување заштеда од 500 милиони евра годишно.