По повеќе од 20 години, на макфестовската сцена во Штип повторно застана легендарната Росана Сариќ Тодоровска, која многупати настапила и сама, но и со нејзината сестра Маријана.
Со песната „Спомени“ таа ја прекина нејзината долгогодишна пауза од музичката сцена, нудејќи и на публиката емотивен настап кој потсетува на евергрините со кои некогаш владееше на естрадата.
Вниманието исто така, го привлече и Јасмин Лопез, пејачка од Куба која е мажена во Македонија која, како што вели, ја чувствува како свој втор дом. Таа настапи со песната „Врела крв кубанска“ која е дело на Григор Копров.
Големи аплаузи добија и девојките од српската група „Фрајле“, кои настапија со песна со текст на Гордана Поп-Симонова, во аранжман на Тоше Поп-Симонов. Тие велат дека не им било тешко да го совладаат македонскиот јазик, со оглед на тоа што првпат настапуваат со своја песна на македонски, а досега само препејувале популарни хитови.