ЕУ мора да ја награди Северна Македонија заради Преспанскиот договор, кој беше многу тешко да се постигне, изјави во Белград поранешната висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Кетрин Ештон, додавајќи дека токму во тоа е вредноста на ЕУ.
– Знам дека сакате јасна европска перспектива и временска рамка. На владеење на правото и борбата против корупцијата и криминалот работите поради себе и јас сум убедена дека вашата иднина е во ЕУ и едвај го чекам тој ден, порача Ештон на денешниот панел на Белградскиот безбедносен форум (БСФ), насловен „Одржливи решенија за Западен Балкан“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, повеќето учесници на панелот ја повикаа Европската Унија да не ја одложува одлуката за започнување преговори за членството со Северна Македонија и Албанија, предупредувајќи дека новото одложување ќе испрати лош сигнал за целиот Западен Балкан.
Соработникот на Виенскиот институт за општествени науки, Иван Вејвода, кој истовремено беше и модератор на панелот, рече дека Европската Унија ништо не губи со отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, додека за регионот тоа би било многу важна порака.
Според него, таквата одлука во земјите на ЕУ би била „вест на седмата страница на весниците“, бидејќи до проширувањето сигурно нема да дојде во наредните седум до осум години, доколку се добро се одвива.
Директорката на германското Министерство за надворешни работи за Југоисточна Европа и Турција, Сузане Шиц изјави дека според Германија, ЕУ нема да биде комплетна без Западниот Балкан и дека се надева на позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија, бидејќи тоа би претставувало важен сигнал за Србија, Косово и БиХ, но и за цела ЕУ.
– Се согласувам со многу скептици дека Албанија има многу повеќе да стори во борбата против корупцијата и организираниот криминал, но тоа најдобро ќе го направи доколку биде на преговарачка маса со ЕУ. Ако кажеме „не“ на овој процес, ние ќе им направиме услугата на оние кои не сакаат владеење на правото и спречување на корупцијата во регионот, нагласи Шиц.
Таа, исто така, посочи дека евентуална спогодба меѓу Србија и Косово ќе биде од големо значење и ги повика двете страни да постигнат договор што ќе ги реши сите нерешени прашања и ќе придонесе за регионалната стабилност.
Директорот на француското Министерство за надворешни работи за континентална Европа и поранешен амбасадор во Србија, Фредерик Мондолони изјави дека неговата земја недвосмислено го гледа Западниот Балкан во ЕУ, која „не би била комплетна без регионот“.
Сепак, тој додаде дека кандидатите треба да ги исполнат сите услови, а паралелно со тоа Унијата да се реформира.
– Вратата не е затворена. Ние не велиме „не“. Европскиот совет е поделен, ние велиме „да“, но земјите мораат да ги исполнат условите, изјави Мондолони.
Тој додаде дека европската перспектива на Западниот Балкан е реалност, дека Франција сака да биде присутна во регионот и дека ќе остане ангажирана.
Говорејќи за односот меѓу Србија и Косово, Мондолони рече дека „статусот кво“ е многу опасна ситуација и дека треба да се постигне договор за чија содржината треба да се договорат двете страни.
Директорот на американскиот Стејт департмент за Јужна и Централна Европа, Дејвид Костеланчик, оцени дека нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово останува многу важно прашање за САД, нагласувајќи дека напорите на Белград за повлекување на признавањето на косовската независност од страна на други држави ја нарушуваат атмосферата и го спречуваат и отежнуваат напредокот во дијалогот.
Тој порача дека САД се надеваат оти во Косово ќе се формира влада која го поддржува дијалогот со Белград, која ќе ги укине таксите за увозот на стоки од Србија и која ќе биде единствена и ќе има реални цели.
Претседателката на Белградскиот фонд за политички извонредност Соња Лихт, истакна дека организаторите на Белградскиот безбедносен форум се длабоко убедени дека одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија и на визната либерализација за Косово ја поткопуваат идејата за пристапување во ЕУ и наговестува дека нема да се постигне ниту владеењето на правото, ниту слободата на медиумите во овие земји.
– Бараме лидерите на ЕУ да ја разгледаат одлуката за одложување, бидејќи почетокот на преговорите не значи членство во ЕУ. Во спротивно, бидете свесни дека на целиот регион ќе му биде направена голема штета, порача Лихт.