Во Кривичен нови рочишта за „Ласкарци“, „Титаник 3“, „Траекторија“ и повторената постапка за „Триста“

од Vladimir Zorba
397 прегледи

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за случаите „Ласкарци“, „Титаник 3“, „Траекторија“ и повторената постапка за „Триста“.

Случајот за автобуската несреќа кај Ласкарци го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Во „Титаник 3“ се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал на локалните избори во 2013 година.

Постапката почна одново на 15 март годинава по именувањето на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот.

Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија“, се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во „Триста“ е обвинет поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службената должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

Слични содржини