Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави и специјален пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, кој престојува во еднодневна посета на Косово, порача дека Вашингтон очекува од новата влада, која ќе ја формираат победниците на парламентарните избори одржани на 6 октомври, да ги продолжи преговорите за изнаоѓање конечно решение за споровите со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Изнаоѓањето решение за споровите меѓу Приштина и Белград, рече Палмер во своето обраќање пред студентите и претставниците на граѓанското општество во Националната библиотека на Косово, воедно претставува и стратешки приоритет на САД.
– Денес е извонредно сето тоа што сте го постигнале. Косовската динамика говори дека народот на Косово работи посветено за демократијата. Ние сме заинтересирани овој регион целосно да се интегрира во Европа, а изолирано Косово не може да го постигне тоа. На Косово му треба владина коалиција која ќе го претставува народот. Новата влада, откако ќе се формира, треба да ги заживее преговорите. Ние не можеме да видиме некаква интеграција доколку нема преговори со Србија, изјави Палмер.
Според него, косовските Срби од 2013 година учествуваат на изборите во земјата според нејзините закони, а тоа што денес му треба на Косово е договор за нормализација на односите со Србија.
– Нормализацијата на односите со Србија отвора поголеми економски можности, бидејќи бизнисите се резервирани за инвестирање тука, затоа што постои перцепција дека ова е опасна земја и има конфликти, истакна Палмер.
Тој нагласи дека, за Вашингтон, независноста на Косово е неповратна и дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат косовската држава, воедно повикувајќи го официјален Белград да престане со напорите за блокирање на приемот на Косово во меѓународни организации.
– Србија треба да престане со стимулирање на блокирањето на Косово за зачленување во организациите и со подбуцнувањето на косовските Срби. Ние сме подготвени да работиме со лидерите на двете земји, наведе Палмер.
За време на денешниот престој во Приштина, каде што допатува по вчерашната официјална посета на Северна Македонија, Палмер се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи, како и со лидерите на некои од поголемите политички партии во Косово.