Македонската А репрезентација денеска ги започнува подготовките за последните два квалификациски натпревари против Австрија (16. ноември) и Израел (19. ноември) од циклусот за пласман на ЕП 2020.
Селекторот на нашата репрезентација Игор Ангеловски се соочува со проблеми околу составот, бидејќи Езџан Алиоски поради повреда нема да биде дел од тимот, а извесно е дека и Иван Тричковски поради повреда тешко дека ќе може да се стави на располагање. Дополнителен повик доби Тихомир Костадинов од словачки Ружомберог.
„Не смее да има прашање дали има мотив. Кога се работи за репрезентација, секој што игра во тој дрес, мотив мора да има.“, рече селекторот Игор Ангеловски на првиот собир на селекцијата за мечевите со Австрија и со Израел.
Тој додаде дека и покрај проблемите со повредени, нема жалење, и дека е убеден оние кои ќе настапат, ќе го дадат максимумот за добар резултат.
„Алиоски дефинитивно отпадна, Тричковски правеше прегледи. Дополнително е повикан Костадинов. Дарко Велковски и Стефан Ристовски доаѓаат дефинитивно, па потоа ќе видиме колку и дали можат. Исто така Муслиу, Несторовски и Николов се тука кои немаат право да играат со Австрија. Најпрво би сакал да можат да настапат и Спировски и Велковски. Не размислувам сега за викање на друг играч. Дефанзивци не ни има премногу во нашиот фудбал. Зајков, Младеновски, Тошевски и Ристевски, тоа е се играчите од кои може да се направи дефанзивна четворка. Адеми има пукнатина на стопалото и мора да паузира.“, додаде Ангеловски кој се надева на добар крај на квалификациите.
„Трети сме, и сакаме да останеме таму. Целта е да освоиме што повеќе бодови и да пробаме што повеќе тактички комбинации за она што претстои во март“, заврши селекторот.
Муслиу нема да настапи на првиот меч со Австрија поради картони, но истакна поддршка на оние кои ќе играат за добар резултат во Виена.
„Ги охрабрувам моите соиграчи околу настапот со Австрија. Иако јас нема да настапам, верувам дека ќе бидат на највисоко ниво, особено во одбраната”.