Ниски плати, мобинг, работа во просечни услови за заштита на здравјето, недоверба во инспекторатот и во синдикалното дејствување. Текстилните работници и денеска се со нарушени работнички права.
Според официјалните статистики, вработени во овој сектор се некаде околу 37.000 лица, од кои над 80 проценти се жени. Платата реално можеби некаде во државните институции и статистички се повисоки, но во голем дел од фирмите во источниот регион платата се движи околу минималната плата, значи 12.500 денари.
Сведоштвата до кои дојде Локално од страна на текстилните работнички зборуваат за лошите услови во кои тие секојдневно работат.
“Тоалетот е отклучен само кога ќе дојде инспекција, штом тие заминат газдите повторно го заклучуваат. Преку лето не ни ја пуштаат климата, а истото се случува и преку зима. Работиме во многу лоши услови. Секој ден ни вршат притисок дека мораме да изработиме што повеќе, а К15 не сме добиле никогаш”, изјави нашата соговорничка од Штип која сакаше да остане анонимна, плашејќи се на не ја изгуби можноста за гола егзистенција.
Познавачите на оваа проблематика велат работите се помрднати од мртва точка во која стоеја со децении. Тоа значи дека има покачување на минималната плата од 9.500 на 12.500 денари, се укина нормираниот учинок од Законот за минимална плата, работничките се доста охрабрени да побараат совет или помош, а честопати се упатуваат и во самите институции да пријават прекршување.
Кристина Ампева од НВО Гласен Текстилец, смета дека состојбата во огромен процент од фирмите и конфекциите е поразителна.
“Да не генерализирам, но барањата на работодавачите, односно на текстилниот кластер не е мислење и барања на сите работодавачи. Голем дел се свесни дека секторот е во лоша состојба, нема интерес од страна на младите за вработување во оваа индустрија и имаат поради истите причини проблем да ги достават нарачките навремено до странските нарачатели”, истакна Ампева.
Според неа, барањето за зголемување на работното време од 8 на 8 и пол часа, е неразумно. Исто така враќањето на норма е невозможно бидејќи како што изјави, нормата е противуставна во Законот за минимална плата, по што ССМ поднесе преставка до Уставен суд.
“Празниците , факт е дека сме земја со голем број на неработни денови, од кои корист имаат само јавната администрација, но тоа не е случај со приватните фирми.Тие моментално сакаат да го озаконат целото незаконско работење кое го практикуваат до сега голем дел од работодавачите. Нивните барања се косат со меѓународни конвенции и договори кои се ратификувани и потпишани од нашата земја, се косат со Устав и со постоечките закони кои го регулираат работниот однос”, вели Ампева.
Таа потенцираше дека со постојаните пријави од страна на работничките и работниците се подобрува работењето на инспекторатот за труд во делови од подрачните единици низ градовите.
“Проблематичен е недоволниот број на инспектори и проблеми од техничка поддршка кои им се потребни. Реагираме на тоа, бидејќи веруваме во функционален трудов инспекторат и негова реформа, но само преку соработка, нови вработувања, инвестирања и технички капацитет кој им недостига”, велат од Гласен текстлец.
Враќањето на К15 и дел од плата постои, веќе никој не се обидува да го скрие тоа како појава, но сеуште постои страв од работничките ова да го истераат до крај со судска постапка, јавно обвинителство, полиција. Во врска срамното плаќање на К15 во износ од 100 денара што ни се случува секоја година, е озаконето од страна на синдикатот и Организација на работодавачи кога го потпишале моменталниот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството каде се вели дека ако работодавачот работел со загуба (а тоа може да е и инвестиција, но се третира како загуба), може да исплати помал износ на К15.
Во врска со протестот, дојде од идеја на неколку работнички кои беа гневни и лути бидејќи работодавачите постојано бараат и добиваат од државата се што ќе им текне, а тие, работничките, се под постојани прекршувања и со ниски плати.
“Лути се бидејќи го гледаат луксузот со кои се расфрлаат нивните работодавачи, а тие крпат крај со крај со минимална плата. Побараа да се случи ова, ги кажаа дел од нивните барања, со дечките од Гласен Текстилец брзо се координиравме и мислам дека за кратко време направивме добра медиумска кампања. Време е и текстилната работничка да се охрабри и изнесе свои барања. Доволно молчеа и трпеа. Ова со барањата на текстилниот кластер ја прели чашата и легитимни се сите барања кои ги изготвивме заеднички со нив”, додаде Ампева.
Ангел Димитров, Претседател на Организација на работодавачи на Македонија смета дека текстилната индустрија во Македонија се наоѓа во многу комплицирана состојба.
Според него, состојбата е предизвикана од намалувањето на интересот на младите за оваа индустрија, зголемувањето на минималната плата и вкупните плати и ниските цени и фиксниот курс на еврото.
Бројот на работниците постојано паѓа и за разлика од минатите години кога тој пад се движеше од 3 до 5 проценти, оваа година за осум месеци падот изнесуваше 6 проценти и веројатно до крајот на годината ќе се доближи до 10 проценти. Сопствениците на текстилните фабрики се свесни дека без поголеми плати тешко ќе обезбедат нови работници, но работењето по системот на ЛОН, кој е присутен со 92 проценти од вкупниот извоз на конфекциски производи не обезбедува можности за поголеми цени и поголеми приходи. Затоа новото зголемување на минималната плата само ќе го убрза процесот на затварање на конфекциски погони, а нема да овозможи позначајно зголемување на стандардот на вработените во оваа индустрија. На крајот на краиштата, пазарните механизми сами ќе допринесат за пропаѓање на дел од компаниите, а административните ограничувања само ќе го убрзаат овој процес, вели Димитров.
Како што вели, состојбата во однос на работничките права и условите за работа постојано се подобрува и тоа е предизвикано од недостигот на работници, а не од притисокот од контрролите на државниот инспекторат за труд.
“Нашиот Закон за работните односи и Општиот колективен договор за стопанството се добра база за сите работнички права, но очигледно во имплементацијата има одредени проблеми. Недозволливо е за одредени прекршоци за кои имаме предвидено дури и кривична одговорност да се зборува паушално и да не се превземаат никакви мерки а само се нарушува угледот на целата индустрија”, додава Димитров.
Според него, Последниот штрајк во Штип е одраз на некое незадоволство кое се собирало со години, но не значи дека денес состојбата е по лоша од пред 15 години.
“Затоа сметам дека овој штрајк е многу закаснет и главниот проблем денес во текстилната индустрија не се работничките права туку опстанокот на оваа индустрија. Многу негативно би било некои работници на 10-15 години пред пензија да останат на улица , а да не се во состојба да се преквалификуваат и да обезбедат нова работа. Затоа потребно е сите (Владата, работодавачите, синдикатот) внимателно да ја следат состојбата и да предлагаат мерки да се ублажат негативните појави”, потенцираше Димитров
И.Р