Власта ќе ги зголемува мерките за младите земјоделци преку буџетот за 2020 година

од Aleksandar Todeski
410 прегледи

Предлог буџетот за 2020 година кој на прес конференција го образложуваа премиерот Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска е претсавен како осврнување кон човечкиот капитал.

Еден од приоритетите кои ги дозволува овој буџет, како што најавија тие при презентирањето на буџетот, е зголемување на мерките за да се задржат младите во Македонија.

Буџетот за 2020 година предвидува 1,5 милијарди денари за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, со што владин извор на Локално вели дека ќе допринесат до зголемување на веќе постоечкиот домашен буџет со кој понатаму владата пресметала дека ќе се отворат многу можности во однос на нови вработувања и покачувања на плати и пензии.

Статистиките покажуваат дека 424 договори со грантови од по 10 000 евра за секој млад земјоделец биле потпишани и реализирани во последните 2,5 години. Владиниот извор брифира дека сега истата можност ја стумулираат дупло, со сума од 20 000 евра, со што сакаат да го мотивираат младиот земјоделец да остане дома, каде што ќе ги остварува своите идеи.

Со буџетот за 2020 година се одвојуваат 16.5 милиони евра за земјоделците, преработувачите, занаетчиите, трговците, угостителите и други физички и правни лица, чии инвестиции се насочени во руралните средини.

„Индексот на човечки капитал покажува дека секој млад човек, кој се раѓа, живее и се едуцира во нашата земја, има услови за да испорача само 53% од својот потенцијал, односно од целосниот потенцијал што го има млад човек кој се развива во здрава средина со квалитетно образование и услови за живот. Затоа буџетот за 2020 година е насочен кон луѓето и кон подобрување на условите во кои што тие ќе можат да исполнат што повеќе од својот потенцијал“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Како мерка за младите, Владата пред два дена на седница го утврди и Предлог-законот за младински додаток.

„Младинскиот додаток, во висина од 3000 денари месечно, ќе им се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос со задолжително социјално осигурување во производствена дејност, потоа на младите лица кои се отстапени кај работодавач-корисник од производствена дејност од страна на приватна агенција за вработување, како и на млади индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување“, соопштија од владата.

Целта на законот за младински додаток, како што велат од владата, е поттикнување на вработување на младите лица во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што, како што велат, ќе се допринесе до подобрување на нивниот животен стандард и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.

За ИПАРД програмата, владиниот извор вели дека со само еден јавен повик се исплаќаат близу 20 милиони евра, а во процес се потпишувања на дополнителни 800 договори за финансиска поддршка, со што искористеноста е преку 50% од вкупниот буџет, а се очекува процентот да биде уште поголем во текот на 2020 година. За разлика од нив, статистиката покажува дека во периодот на владеење на минатата власт, процентот на искористеност бил само 20% или само 12 милиони евра.

Власта смета дека социјалниот пакет, кој пораснал за 300 отсто за да луѓето добијат шанса да излезат од сиромаштијата е нешто што ВМРО-ДПМНЕ не ни помислила кога одлучиле да се градат статуи, лажен барок и жални врби.

 

Слични содржини