Хелсиншки за протестот во Визбегово: Децата не треба дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството

од Vladimir Zorba
244 прегледи

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права ги поздравуваат напорите на Министерството за труд и социјална политика за реализација на заложбата да се деинституционализираат сите деца кои се сместени во нехумани услови и изолирана средина.

– Комитетот го поддржува доследното спроведување на реформата, која е започната уште пред петнаесетина години. Декларацијата за правото на детето и Конвенцијата за правото на детето, како и домашните закони кои ја регулираат детската заштита ги обврзуваат државните институции преку нивните мерки да се грижат за најдобрите интереси на детето. Но, грижата за нив, особено за оние кои се најзагрозени, е обврска на целото општество. Воспитно-социјалните проблеми на децата, кои од домот „Ранка Милановиќ“ се преместуваат во мали групни домови, се производ на негрижа, насилство и занемарување со кое се соочиле уште на самиот почеток на нивниот живот. Тие деца заслужуваат шанса и поддршка за да растат и да се развиваат како останатите деца, а не дополнително да се стигматизираат и да се одвојуваат од општеството. Притоа, нагласуваме дека големите институции се надминат концепт за згрижување, кој има сериозни негативни ефекти врз развојот на децата и нивното оформување во возрасни личности, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму апелираат жителите на Визбегово да покажат емпатија, разбирање и прифаќање за децата кои се селат во нивната околина, во дом кој не е институција и кој наликува на семејна средина, а што е суштински предуслов за нивна социјализација и напредок.

Граѓаните на скопско Визбегово денеска протестираа против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение од Скопје во нивната населба, за да укажуваат на несоодветноста со изборот на објектот за оваа намена.

Тие се жалат дека во вечерните часови децата се шетаат по куќите и прават проблеми и дека постојано им бараат цигари и алкохол, а правеле штета и врз недвижниот имот.

Слични содржини