Предметите на Специјалното јавно обвинителство во фаза на истрага кои беа преземени од редовното обвинителство седат во кутии и поради тоа некои осомничени лица за измами и злоупотреби место да бидат на обвинителна клупа во судница, тие делат правни совети како треба да се води истрага за надоместоците во СЈО, реагираше денеска обвинителката Фатиме Фетаи одржувањето на денешното рочиште за „Монструм“.
„Целта на преземањето на предметите беше да нема застој, а истрагите седат во кутии и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Буквално, ние сме само магационери и архивари на предметите што се во фаза на истраги, а има истраги кои се готови, спремни за обвиненија“, нагласи Фетаи.
Обвинителката истакна дека конкретно зборува за осомничениот Антонио Милошоски во случајот „Моќник“, кој како што рече таа, наместо да си подготвувал одбрана за во судница, доколку се разбира им биле поделени предметите, тој излегувал по медиуми и делел правни совети дека хонорарите во СЈО треба да се иследуваат како злоупотреба и проневера.
Фетаи додаде дека обвинители во СЈО работеле месечно за плата што е соодветна на платата што им се дава на лицата на оваа функција каде било во регионот, додавајќи дека нивните плати биле само за 300 евра повисоки од тие на обвинителите.