Дуковски: Јовановски е на интензивна нега, немам информации за состојбата

од Aleksandar Todeski
521 прегледи

Бојан Јовановски од синоќа е на интензивна нега во Градската Општа Болница „8-ми септември“, вели во изјава за Локално адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски. Тој рече дека информацијата ја добил утрово и бил да го посети, но не добил никаква информација за неговата здравствена состојба, бидејќи се уште се правеле испитувањата.

„По повеќе пати контроли, Јовановски синоќа за прв пат е хоспитализиран во ГОБ „8-ми септември“, на одделот за интензивна нега. Бил хоспитализиран синоќа, а јас бев известен утрово. Отидов да го посетам, но не добив никаква информација за неговата моментална состојба. Штом е на интензивна нега, сигурно дека состојбата му е сериозна“, вели Дуковски за Локално.

Дека Јовановски е хоспитализиран известија и од „8-ми септември“, во чие соопштение е наведено дека дијагностичките процедури се во тек, а по завршување на целата постапка, стручниот колегиум ќе се произнесе за констатираната состојба.

Инаку тој е во притвор од средината на јули, како осомничен, а сега веќе обвинет во случајот „Рекет“. Освен Јовановски, во случајот обвинети се и Зоран Милевски – Кичеец и поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.

Јанева и Кичеец се во домашен притвор, додека пак Јовановски остана во затворот Шутка, од каде неколку пати беше носен на прегледи во „8-ми септември“. Првото рочиште за „Рекет“ е закажано за 3-ти декември.

 

Александар Тодески

 

Слични содржини