Сестрата на Орце Камчев, Кристина Камчева-Стојческа пред две недели се повлекла од управителската функција во фирмата Монт, во која денеска инспектори ја проверуваа документацијата поврзано со долгот на ВМРО-ДПМНЕ со кој ја затвори сметката за претседателските избори, пренесува 360 Степени.
На нејзино место, назначена е Виолета Богиќевиќ, која пак не се јавува во ниту една друга фирма, ниту како сопственичка ниту како овластено лице.
Фирмата која утрово ја проверуваше МВР е во целосна сопственост на Орка Холдинг, од каде излегоа со соопштние дека инспекцијата е добредојдена, воедно рекоа дека демантираат дека се поврзани со кампањата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека од нив маици набавувала компанијата Полиестердеј.
Полиестердеј е втората домашна фирма во која денеска влегоа инспекторите во врска со долг за печатење маици за ВМРО-ДПМНЕ, како дел од изборната кампања за претседателските избори во април и мај годинава.
Освен Полиестердеј и Монт, МВР денеска влезе и во фирмата Горфактори С.А. Шпанија, за која нема информации како е поврзана со првите две.