Како анксиозноста може да ве научи на важни животни лекции?

од Elena Daskalova
363 прегледи

Ако чуете дека анксиозноста е резултат на слабост, знајте дека тоа не е вистина. Да се живее со неа не е лесно, но на крај, ќе извлечете многу важни животни поуки.

Pixabay

Секој проблем од ментална природа ви помага животот да го согледате од поинаква перспектива, а тоа често има и низа предности. Анксиозноста се манифестира со вознемиреност, загриженост и/или страв и може да биде доста комплицирана.

За луѓето кои страдаат од анксиозност, дури и сосема секојдневните активности може да бидат доста тешки, на пример самото излегување од дома или комуникацијата со луѓето.

Но, од друга страна, можете да ги научите и следниве 5 важни лекции:

Никогаш не можете да бидете подготвени на сè

Едно е во глава да го премотувате секое можно сценарио, но реалната ситуација секогаш ќе биде барем за нијанса поинаква. Затоа, научете дека не вреди однапред да вложувате премногу труд обидувајќи се да го предвидите исходот од секоја ваша акција.

Во ред е да не ви е добро

Можеби на многумина им е тешко да прифатат „не сум расположен/а“ или „не сум добро“ како одговор, очекувајќи да објасните (со физички симптоми) зошто е тоа така. Но, во крајна линија, оние кои ве познаваат и им значите ќе знаат дека не треба да инсистираат. За другите, не вложувајте премногу нерви, не вреди.

Не постои еден и вистински начин за справување со емоциите

Секоја личност има свој начин на кој се ослободува од вишокот емоции или ги контролира кога ќе станат премногу турбулентни. Вие најдобро знаете дали тоа го правите сами, со пријателите, со семејството, работејќи… И секако, не судете им на другите, бидејќи како и во вашиот случај, така и вие во нивниот сте набљудувач од страна.

Дишењето е важно

Кога се случува нападот на анксиозност, важно е да го контролирате дишењето и да се обидете да го воспоставите правилниот ритам. Најдете го начинот кој е најефикасен за вас.

Можете многу повеќе отколку што ви се чини

Колку и да ви изгледа неверојатно, анксиозноста од вас има направено издржлива личност која има силни граници на толеранција и поднесување. Дури и кога се чувствувате најнемоќно, запомнете – можете многу повеќе од тоа.

Слични содржини