За две години на територијата на целата наша земја изградивме или е во тек изградбата и проектите за близу 70 градинки. Таква иницијатива за толку кус период не е забележано во историјата на државата, рече премиерот Зоран Заев на денешното предавање во употреба на новата градинка во село Муртино.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија додаде дека децата се нашето богатство, нашиот силен потенцијал и грижата за нив, а нивниот ран и правилен развој е врвен приоритет.
„Пред неполн месец министерката за труд и социјална работа Мила Царовска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228 милиони и 100 илјади денари. Во новите градинки се отвора простор за 70 нови деца. За прв пат по подолго време во нашата држава ќе се градат големи објекти, бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата“, потенцираше премиерот Заев.
Подвлече дека покрај инвестирањето во нови градинки, исто така се вложува и луѓето кои ги обликуваат идните генерации.
„Само оваа година обезбедивме 1.400 согласности за вработување во градинките. Почнувајќи од јунската плата, којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 проценти, што е околу три илјади денари во нето износ по вработен“, рече премиерот Заев.
За министерката Царовска, важно е што како Влада инвестираат во раниот детски развој.
„Ги поттикнуваме општините да размислуваат за детската заштита како приоритетно прашање на локално ниво и тоа го правиме заедно со нив. Токму затоа, Општина Струмица може да се истакне дека навистина вложува.Тука, веќе во ова година, отворивме или се отвораат две градинки во населени места, а дополнително во градот се прошири капацитетот и за наредната година има инвестиција во локалните општини кои се овој регион уште минимум три градинки“, рече министерката Царовска.
Додаде дека досега се вложени многу финансиски средства, односно за три пати е зголемен националниот буџет и во изминатите две години се инвестирани 180 милиони денари, а за наредната година се издвоени 115 милиони денари само од буџетот, а дополнително има и посебна програма со Светска банка.
„Остануваме на оваа патека се додека не го постигнеме оној индикатор што го поставивме како Влада, а тое е 50 проценти од децата коишто се во нашата држава помеѓу 3 и 6 години да бидат вклучени во предучилишно образование“, подвлече министерката Царовска.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски истакна дека предавањето во употреба на градинката во село Муртино е еден нов момент во развојот на општината, бидејќи за прв пат се отвора градинка во населено место. Тој најави дека за неколку денови ќе биде предадена во употреба и градинката во селото Куклиш.
Градинките во Муртино и во Куклиш се сместени во поранешните општински згради, кои целосно се адаптирани и опремени за прифаќање на 86 деца од предучилишна возраст.