Успех во украинското прашање или уште поголема изолација за Емануел Макрон

од Vladimir Zorba

Францускиот претседател ќе ги собере рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Владимир Зеленски за прв пат во Елисејската палата.

Како би можело да изгледа зближувањето со Русија на Владимир Путин, кое го сака Емануел Макрон? Францускиот претседател се надева дека утре ќе го направи првиот пробив на тема Украина, што може да ги смири Европејците, загрижени за неговите еднострани дејствија во однос на Русија.

Шефот на државата ќе ги собере за прв пат господарот на Кремљ и неговиот украински колега, Владимир Зеленски. Заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, тие ќе се обидат да најдат начин за излез од конфликтот, кој од 2014 година го однесе животот на повеќе од 13.000 луѓе во проруската источна Украина.

– Ова е важен тест за Макрон и Европејците. Тој веќе се изолира многу. Ако не добие ништо и во однос на украинското прашање, тој ќе западне во уште поголема изолација, смета Мишел Дукло, поранешен амбасадор и геополитички експерт во Институтот „Монтен“.

Францускиот претседател, кој е најистакнат лидер во Европа откако стана јасно дека Меркел ќе стави крај на својата политичка кариера, ги шокираше своите колеги со неговите зборови за НАТО („мозочна смрт“), неговиот цврст став за проширувањето на ЕУ и неговите еднострани иницијативи против Русија.

Утрешниот самит ќе биде прв од ваков вид од 2016 година. Преговорите меѓу четворицата лидери во „нормандски“ формато – од името на францускиот регион, каде се одржа нивниот прв самит во 2014 година – имаат за цел да ги стават во сила договорите од Минск. Овие договори дозволија значително намалување на насилството, но нивниот политички дел никогаш не беше имплементиран.

Макрон знае дека неговите европски колеги имаат очекувања од него и вели дека „безбедносните интереси“ на континентот се неговиот апсолутен приоритет. Тој повика на напредок на темата Украина како предуслов за продолжување на дијалогот со Русија.

„Доволно инвентивен“

Полето за маневрирање помеѓу барањата на Русија, која има за цел да го задржи влијанието врз нејзиниот сосед, и оние на Украина, решени да го поврати суверенитетот над Донбас, е доста тесен.

Според Мишел Дукло, „Кремљ е доволно снаодлив за да разбере дека овој самит треба да биде успешен“. „Макрон, Меркел и Зеленски треба да можат да кажат дека добиле нешто“, вели тој за АФП.

Украинскиот претседател, од своја страна, рече дека „новата размена на затвореници“ – по онаа на 7 септември – и „вистинскиот прекин на огнот“ ќе биде добар сигнал. Тој самиот е под притисок затоа што се плаши да остави впечаток дека прави многу отстапки за степенот на идна автономија на регионот Донбас во Украина.

Покрај украинскиот предизвик, источноевропејците – Полска, балтичките држави и Романија – кои сметаат дека Русија е голема закана – но и некои западни земји, вклучително и Германија, внимателно ќе ги следат сигналите на добрата волја на претседателот Путин.

Макрон, според кој безбедноста на Европа зависи од тоа да има цврст дијалог со Москва, но без „наивност“, сака да верува дека неговиот руски колега ќе ја избере Европа пред Кина.

Раскол помеѓу Европејците

Русија засекогаш не може да биде „деструктивна сила, како што беше случај во Сирија и Турција“, изјави француски дипломатски извор за АФП.

„Не е трајна и веродостојна стратегија единствениот лост да ти биде твојата способност да наштетиш“, додаде тој, наведувајќи ја „длабоката загриженост на Русија, за тоа да не се остави сама да се натпреварува со Кина“.

Но, Путин е познат по занемарувањето на ЕУ и претпочита дијалог со одделни земји. „Тој гледа во подадената од Макрон рака можност да направи раскол меѓу Европејците“, анализира Дукло.

Според рускиот аналитичар Константин Калачов, „ќе биде наивно да се верува дека Макрон може да има какво било влијание врз Путин“ во обид да ја привлече Русија кон ЕУ.

„Има само една личност која може да влијае врз претседателот Путин: тоа е самиот претседател Путин кој ја следи сопствената политичка линија и неговите сопствени интереси“, рече тој за АФП.

Што се однесува до украинскиот конфликт, „Путин нема интерес да го продлабочи, но сака секој договор да се постигне според неговите услови“.

Слични содржини