Да ги закажеме изборите па ќе кажеме како ќе го користиме името, одговори координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на обвинувањето од страна на владејачката СДСМ дека дома велат дека не го признаваат името, а во странство го користат.
Тој кажа дека денешната седница на Собранието започнала со еден час задоцнување.
„Првите закони требаше да се изгласаат со 61 глас „за“. Мнозинството не беше собрано и немаа пратеници. Денеска изгубија еден час, а дали не се организирани или имаат проблем во коалицијата, прашајте ги нив. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дебатираат за враќање на рамниот данок. Не може никој да ги ограничи пратениците, посебно за тоа кој ќе ги врати парите кои досега ги земаа со мерката за прогресивен данок. Нивните изјави дека го блокираме Собранието е политичка игра со цел да се пролонгираат изборите“, рече Мицевски.
Според него, опозицијата не го блокира Собранието иако од неговата пратеничка група за збор се јавени 30 пратеници за збор и 20 пратеници за реплика.
„Се враќаме на старото законско решение кое 10 години беше оспорувано. Дали не треба ние како пратеници да дебатираме по однос на овие Закони. 163 Закони се дојдени по скратена постапка поднесени од пратеници, а само 145 по редовна процедура“, рече Мицевски
Според него, не е во ред да се користи декларацијата за лицата со попреченост, а тоа е со цел создавање на политичка криза.
„Се споменува името и потпишувањето. Името е актуелна состојба инсталирана од оваа власт“, рече Мицевски.
А.Т.