Пацоли: СПЦ е позаштитена во Косово отколку во Србија

од Aleksandar Todeski
286 прегледи

Вршителот на должност шеф на косовската дипломатија Беџет Пацоли порача дека Косово нуди најголема можна заштита на верските објекти, каква што, како што вели, „Спрската православна црква (СПЦ) нема ниту во Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коментарот на Пацоли следува по денешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изрази загриженост дека, по усвојувањето на Законот за верски слободи во Црна Гора, кој предизвика немири и револт од СПЦ и српската заедница во таа земја, и Косово би можело да им ги ограничи слободите на тамошните православни верници.

„Сакам да му порачам на Белград да престане да потпалува тензии во Косово и во другите земји од регионот. Овие денешни изјави покажуваат јасно дека Белград има намера да поттикнува тензии пред павославниот Божик за да ги манипулира косовските Срби“, напиша Пацоли на својот Фејсбук.

Според него, Законот за верските слободи во Косово, кој наскоро ќе биде усвоен во косовското Собрание, доби одобрение од Венецијанската комисија и е усогласен со европските стандарди.

„Дозолете им на луѓето да имаат нормални и слободни празници. Никаква политика во верата не е потребна, а најмалку од Белград кој е познат по тенденциите за манипулирање со граѓаните од српска националност во Косово“, напиша Пацоли.

Слични содржини