ЗНМ: Закани кон екипата на ИРЛ, серозен обид да се замолчи истражувачкото новинарство

од Aleksandar Petrovski
268 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува притисоците кои се вршат кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија, Маја Јовановска. Вербалните притисоци и вознемирување следуваат откако ИРЛ ја објави истражувачка сторија поврзана со градежни активности од последните години, во населбата „Тафталиџе“ во Скопје.

Освен ова, за време на викендот, сопственикот на градежната фирма „Настел“ – Зоран Азманов исто така испратил пишани пораки до Јовановска укажувајќи како таа „требала“ да известува за темите поврзани со градежништво. Овие пораки биле испратени на телефонскиот број на новинарката Јованоска веднаш по објавувањето на сторијата на ИРЛ за уништувањето на населбата Тафталиџе од страна на градежните фирми.

Во обид да се смират тензиите, главниот уредник на ИРЛ, Сашка Цветковска го предупредува Азманов дека овие реакции кон новинарката претставуваат притисок и вознемирување и го упатува да се послужи со легалните инструменти или да се пожали до еснафските здруженија. Азманов и на овој обид реагира со вознемирувачки, обвинувачки и клеветнички пораки.

Очекуваме во најбрзо време во МВР да биде повикан на разговор бизнисменот Азманов и истиот да образложи зошто има потреба да ја вознемирува новинарката Јовановска и кон истата да користи недоличен говор со елементи на закани и дискриминација.

Освен ова, кон колешката Јовановска во текот на минатата недела била упатена телефонска закана преку пуштање на снимени звуци од експлозија. Телефонскиот број од кој е упатена аудио пораката е познат на МВР, а содржината на истата јасно укажува на обид за заплашување и вознемирување на новинарите од ИРЛ.

ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да се спречат идно насилство кон новинарите.

Овие закани, не се единствени кои ИРЛ ги пријавува до ЗНМ во 2019 година. ЗНМ беше информирано и посредуваше при заканите по живот врз новинарот Давид Илиески. Новинарката Сашка Цветковска беше повеќе месеци под физичко обезбедување поради работа на истражувања за организиран криминал. Оттука загриженоста на ЗНМ за безбедноста и сигурноста на новинарите кои следат корупција и криминал е оправдана.

Заканите кон новинарите е брутално кршење на нивните права и претставува обид за цензура во медиумите кои се обидуваат критички да ја опсервираат  работата на бизнис заедницата.

 

Слични содржини