Цветковиќ: Да се занимаваш со човекови права на маргинализираните заедници често делува како борба со ветерници

од Vladimir Zorba
495 прегледи

Родовата еднаквост е императив на развиените демократии и клучен аспект од кој зависи општествениот и економскиот раст на една држава. Имајќи го ова предвид, ситуацијата денес е подобра, но прогресот и реформите мора да бидат уште поробусни и побрзи за да го надокнадиме она што со молскавична брзина го губевме изминатите години, вели активитската за човекови права и извршна директорка на Коалиција Маргини – Ирена Цветковиќ во интервју за Локално.

Таа вели дека речиси секоја власт „маргинализираните заедници ги сведува на групи на луѓе од кои се креваат раце“.

-Токму затоа, наша задача е постојано да ги потсетуваме политичарите и луѓето во институциите дека грижата за ранливите и маргинализираните групи треба да биде нивнен основен порив, а заложбите за унапредување на човековите права мора да ги вклучуваат оние луѓе кои се најчесто жртви на прекршување на овие права, посочува Цветковиќ.

За содржината од учебникот по Социологија за втора година, која е актуелна во изминатиов период, таа смета дека „единствено сеопфатна, системска и целосна ревизија на учебниците е начин да се обезбеди квалитетно образование, образование чија цел е трансфер на знаења базирани на факти и докази, образование чиј императив е општествен прогрес и еманципација“.

Во однос на пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование, која треба да стартува од септември 2021 година во неколку училишта, Цветковиќ изјави дека ова е многу голем исчекор кој заслужува да се поздрави.

-Токму сеопфатното сексуално образование сметам дека е клучно за младите кои во недостиг од информации засновани на истражувачка евиденција, немаат можности да се запознаат и да разговараат на теми од сексуалноста, за подобро да ги разберат и да ги артикулираат своите чувства и ставови во однос на неа, а потоа и во односот со другите, поинакви од нив, смета таа.

Актуелната власт тврди дека континуирано креира и имплементира мерки и политики кои имаат за цел унапредување на правата на жените и родовата еднаквост. Донесен е и Закон за спречување и заштита од дискриминација во кој, како основа за дискриминација, за првпат е вклучен родовиот идентитет. Мислите ли дека мерките на актуелната гарнитура доведоа до некакво подобрување на ова поле? Како би ја споредиле ситуацијата со до пред неколку години?

-Некои од политиките и мерките кои ги донесе нашата држава во последните години претставуваат важни чекори во унапредување на родовата еднаквост. Освен законот за спречување и заштита од дискриминација, би ги спомнала и ратификувањето на Истанбулската конвенција, новиот закон за прекин на бременост, како и бројни стратегии и акциски планови чија цел е промовирањето на родовата еднаквост и заштитата на жените од насилство, дискриминација и други повреди на човековите права. Во таа смисла, ситуацијата денес е значително подобра од онаа пред неколку години.

Сепак, државата, а секако и сите клучни актери во институционалниот систем, се исправени пред крупен предизвик на имплементирање на овие закони и мерки, бидејќи без вистинска и неселективна импплементација, родовата еднаквост ќе остане само визија испишана на купишта хартија. Токму затоа, сметам дека е исклиучително важно, паралелно со јакнење на легислативата да течат и процесите на институционално јакнење, но и општествена еманципација. Родовата еднаквост е императив на развиените демократии и клучен аспект од кој зависи општествениот и економскиот раст на една држава. Имајќи го ова предвид, би одговорила на прашањето- ситуацијата денес е подобра, но прогресот и реформите мора да бидат уште поробусни и побрзи за да го надокнадиме она што со молскавична брзина го губевме изминатите години.

Колку Коалицијата Маргини успеа во својата мисија за заштита и почитување на основните човекови права на маргинализираните заедници во изминативе години? Дали во ова, како што неодамна го нарековте „длабоко конзервативно и затворено македонско општество“, воопшто може да очекуваме овие лица еден ден да бидат целосно прфатени?

-Да се занимаваш лично, но и професионално со човекови права на маргинализираните заедници често делува како борба со ветерници. Движењата во исполнувањата на таа мисија наликуваат на нашиот традиционален танц- две напред, три назад. Речиси секоја власт маргинализираните заедници ги сведува на групи на луѓе од кои се креваат раце. Токму затоа, наша задача е постојано да ги потсетуваме (на сите можни начини) политичарите и луѓето во институциите дека грижата за ранливите и маргинализираните групи треба да биде нивнен основен порив, а заложбите за унапредување на човековите права мора да ги вклучуваат оние луѓе кои се најчесто жртви на прекршување на овие права. Овие наши визии се исклучетелно тешки за спроведување во реалност токму заради тоа што го цитиравте и вие погоре. Имено, бројни студии и истражувања покажуваат дека македонското општество е конзервативно и затворено.

Овие доминантни општествени ставови и вредности не се изникнати ненадејно од македонската почва, туку внимателни сеени, растени и жнеени преку клучните столбови на образованието, медиумите, културата итн. Потребен е голем и комплициран зафат кој имплицира серија суштински реформи за нашето општество да ги научи и почне да ги искусува и живее прогресивните идеали. Низ историјата ние сме имале политичари/ки кои покажале храброст и посветеност на оваа кауза, но факт е дека тоа биле ретки примери на исклучок.

Ни требаат храбри политичарки и политичари кои ќе ги истакнат оние луѓе од институционалните системи кои се спремни да ги носат промените во насока на креирање на подемократско општество. Вакви луѓе има во нашите министерства, во нашите училишта и факултети, во нашите здравствени, културни и други установи. Не се малку, ама денес тие се комплетно маргинализирани и игнорирани во нивната работна средина. Северна Македонија не може да биде рај, но во еден стабилен политички контекст чија визија е демократско општество за сите, со адекватна поддршка таа може да биде барем пристојно место за живеење за сите.

Во изминатиов период во јавноста се споделува содржина присутна во учебникот по Социологија за втора година средно образование, која, „пластично“ кажано вели, дека „жената треба да седи дома за да не биде криминалец“. Но ова четиво се наоѓа на „школските клупи“ речиси 18 години, а и во многу други учебници можеме да прочитаме дискриминаторски содржини, промовирање родови стереотипи, сексизам итн… До кога овој сериозен проблем ќе се одолговлекува и кое е вистинското решение за да се искоренат слични појави со кои се „задојуваат“ младите?

-Коалиција Маргини каде што работам, повеќе од една декада предупредува и води институционални битки против дискриминаторски, сексистички, патријархални, хомофобични и трансфобични содржини во учебници. Како здружение на граѓани, уште во 2011 година побаравме од тогашната влада „комплетна ревизија на сите учебници и учебни помагала“ со цел искоренување на стереотипите, дискриминацијата, па дури и говорот на омрза од образовниот систем. И денес стоиме на тој став. Сметаме дека единствено сеопфатна, системска и целосна ревизија на учебниците е начин да се обезбеди квалитетно образование, образование чија цел е трансфер на знаења базирани на факти и докази, образование чиј императив е општествен прогрес и еманципација.

Учебникот по социологија за 2 година средно образование е само еден во низата примери. Ние до владата и до Министерството за образование и наука имаме доставено листа на повеќе од 20 проблематични учебници, а речиси толку сме обжалиле пред различни инстанци (Народен правобранител, Комисија за заштита од дискриминација итн). Селективното повлекување на дел од спорните учебници, како и само бришење на спорните делови наместо нивна замена со адекватна содржина наликува на крпење дупки на стар пат. Неефикасно е, несистемски е и конечно, исходот е повеќе статус кво отколку исчекор. Сета ова оди на штета најмногу на младите генрации кои се во образовниот систем.

Тоа што им се предава и она знаење со кое излегуваат од образовниот процес според мене претставува системско насилство врз нив, затоа што тоа знаење е базирано на лични перцепции наместо научни факти, тоа знаење ги вкалапува во конзервативизам наместо младешки прогрес и во крајна линија ги прави неконкуретни на глобалниот пазар на труд. Замислете само како сето ова влијае врз младите припадници на маргинализираните заедници кои се во образовен процес. Клучните години во однос на личниот раст и развој на една индивидуа овие млади луѓе ги поминуваат во процеси и искуства на срам, отфрлање, исклучување, дискриминација и насилство. Ние имаме поинаква визија за нашето општество и нема да отстапиме од борбата за таа визија.

Четири училишта од руралната и урбаната средина ќе бидат избрани за пилот-програма за сеопфатно сексуално образование, која треба да стартува од септември 2021 година. Во една прилика изјавивте дека младите ЛГБТИ лица во училиштата не успеваат да најдат одговори на прашањата кои најмногу ги засегаат и дека го минуваат периодот на личниот развој во средина која ги казнува, дискредитира…Дали ова е добар почеток кон промена на тешката ситуација?

-Пилотирањето на сексуалното образование е многу голем исчекор кој заслужува да се поздрави. Токму сеопфатното сексуално образование сметам дека е клучно за младите кои во недостиг од информации засновани на истражувачка евиденција, немаат можности да се запознаат и да разговараат на теми од сексуалноста, за подобро да ги разберат и да ги артикулираат своите чувства и ставови во однос на неа, а потоа и во односот со другите, поинакви од нив.

Особено радува фактот што освен властите и граѓанското општество и младите и нивните родители се изјаснија позитивно за потреба од овој тип на образование. Ова е прв чекор, но потребни се уште неколку за целосна реализација на овие заложби. Само на овој начин ние ќе успееме да понудиме адекватен извор на информации кои денес младите за жал го наоѓаат спорадично, на прилично проблематични места како поп-културата, интернетот и меѓу рашрените митови и невистини. Сексуалното образование не е привилегија или додаток, бонус пакет, туку обврска која државата мора да ја исполни кон младите.

Како ја оценувате положбата на ЛГБТИ лицата на прагот на 2020 година во земјава? Има ли некаков напредок? Дали ЛГБТИ лицата кај нас се општествено маргинализирани?

-Состојбата со правата на ЛГБТИ лицата бележи напредок споредено со минатите години. Напредокот пред се` го детектирам во делумно подобрената легислативна рамка, како и на ниво на декларативна заложба од страна на политичкиот естаблишмент. Сепак,во извештајот на Коалиција Маргини за 2019 година, кој моментално се изготвува, се` уште се бележат бројни случаи на повреди на правата на ЛГБТИ заедницата вклучувајќи случаи на насилство, семејно насилство, институционално насилство, дискриминација, говор на омраза и прекршување на сексуалните и здравствените права. Можеби најболна точка во 2019 останува игнорирањето на пресудата од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на лицето Икс против Македонија, од страна на Управата за водење на матична евиденција.

Имено, Коалиција Маргини го застапуваше лицето Икс во случај пред ЕСЧП заради неможноста ова трансородово лице да ги промени податоците за пол во документите за лична идентификација. Добивањето на овој случај не беше само индивидуална победа затоа што судот побара од државата креирање на легислативна рамка за правно признавање на родот, рамка која ќе биде достапна на сите трансродови луѓе. Одбивањето да се спроведе одлуката од страна на Управата и покрај поддршката за ова од Владата укажува на фактот дека ние немаме институции кои се спремни да работат во полза на заштита на своите граѓани. Овој поразителен факт истовремено депремира, но и не` прави уште попосветени и поупорни во нашата борба.

Резултатите од компаративната анализа на Институтот за човекови права направена неодамна врз основа на две истражувања покажуваат зголемување на нетолеранцијата, нетрпеливоста и социјалната дистанца кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет. Вие пак, во едно неодамнешно интервју споделивте дека Западен Балкан е едно од најлошите места каде може да се биде дел од оваа заедница. Зошто според вас трендот оди во надолна, наместо во нагорна линија во однос на правата?

-Не би рекла дека денес трендот оди во надолна линија (споредено со вакви истражувања кои Коалицијата ги правела во минатото) туку дека оди нагоре, но пребавно. Причините за ова делумно ги начнавме во претходните прашања. Во ситуација кога клучните општествени столбови како образование, здравство, медиуми и култура се дизајнирани така што гарантираат оддржување на конформистички и конзервативни вредосни системи, многу е тешко да се реализираат прогресивни и еманципаторски реформи. Законите и политики се неефективни ако немаме визија и стратегија за промена на доминантните наративи, односно визија и стратегија за промена на нашите умови и срца.

После долга легална битка, хрватскиот суд се изјасни дека истополови партнери имаат право да посвојат деца – одлука која поддржувачките групи ја нарекоа „историска“. Уставниот суд во Загреб пресуди дека Иво Сегота и Младен Козиќ, имаат право да станат посвојувачи. Дали е ова чекор поблизу до тоа еден ден и во државава да очекуваме слични историски решенија?

-Секако. Овие промени ќе имаат свое ехо и во регионот, порано или подоцна. Јас сум уверена дека овие „историски“ решенија ќе се случат и во Македонија, ама не сум уверена дека ќе бидам жива да ги дочекам и доживеам, иако би сакала реалноста да ме демантира.

В.З.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини