Петровска: Иако ДПМНЕ најави нов лик, сепак никако да ги заборават старите навики

од Aleksandar Todeski
202 прегледи

Дополнителната заменичка министерка во МВР, Славјанка Петровска преку Фејсбук го демантира техничкиот министер во МВР, Наќе Чулев, кој во интерју за ТВ Алфа рече дека имало незаконски решенија и наводна поврзаност со криминалните структури.

„Сите акти кои се потпишани се во согласност со законот и прописите во МВР. Иако ДПМНЕ најави нов лик, сепак никако да ги заборават старите навики. И понатаму продолжуваат со намерното ширење лаги дека во МВР не постои компаративна статистика за состојбата со криминалитетот во периодот додека на чело на МВР беше Оливер Спасовски. Напротив, вистината е не само дека постои анализа туку таа покажува извонредни резултати споредено со периодите претходно кога министерството беше управувано од ДПМНЕ. Намален е криминалитетот, разбојништвата, убиствата, жртвите од сообраќајни незгоди и тн. Овие резултати беа презентирани минатата недела на брифинг со новинарите на кој беа присутни над 30 претставници на медиумите“, пишува Петровска.

Таа додава дека уште поконкретен податок за работењето на МВР под раководство на Спасовски е анкетата на ОБСЕ за довербата на граѓаните во полицијата, која како што пишува заменик-министерката, јасно покажува дека довербата во полицијата расте.

„Граѓаните сметаат дека полицијата работи добро и дека се минато времињата кога со МВР раководеше ДПМНЕ, а довербата беше сведена на мизерни бројки токму поради партиската злоупотреба на полицијата.
Како човек од безбедносно-разузнавачката заедница Чулев треба да ги знае законите во Република Северна Македонија и да е свесен дека сомнежи за евентуална поврзаност со криминални структури се пријавуваат во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Зарем ова е долгонајавуваниот професионализам на ДПМНЕ?”, прашува Петровска.

Инаку, техничкиот министер Чулев во интервјуто вели дека дел од раководниот менаџмент директно бил инволвиран во криминалните групи, а лица од „Криминалистичката полиција“ биле на платен список на полицијата.

Слични содржини