Макрон-Пленковиќ: Промена на преговарачката методологија – предуслов за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија

од Vladimir Zorba
118 прегледи

Проширувањето на ЕУ и промената на методологијата на пристапниот процес, што е предуслов Франција да се согласи на почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, биле едни од главните теми на средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз.

– Разговаравме за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, како да се направи напредок во модификацијата на методологијата на пристапните преговори и пред Самитот (на Европската унија и Западниот Балкан во мај) во Загреб…, за да создадеме атмосфера и оние земји кои имаа резерви, да се согласат на продолжување на процесот на пристапување. Тоа беше суштината на нашиот разговор на оваа тема, изјави Пленковиќ по работниот ручек со Макрон во Елисејската палата.

Макрон изјави дека сака Самитот во Загреб да биде успешен и дека промената на методологијата на преговарачкиот процес е предуслов за започнување преговори со земјите кандидати за членство во ЕУ.

– Ги споделувам вашите напори да постигнете единство на Самитот во Загреб во мај и тој да биде успешен за Европа. Франција предложи нова методологија, со цел процесот на проширување не биде само бирократски процес, туку вистински политички пат напред кој може да биде и забрзан и реверзибилен, кој содржи услови, но и конкретни придобивки за земјите кандидати, изјави Макрон.

На самитот на ЕУ во октомври, Франција го блокираше започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Хрватска, која го презеде шестмесечното претседавање со Унијата на 1 јануари, меѓутоа сака да го одблокира тој процес.

– Задоволен сум што претседателот Макрон изрази оптимизам за успех на Самитот во Загреб. За нас таа средба е исклучително важна. Во наш интерес е овие земји да бидат стабилни, да преземат економски и социјални реформи, додаде Пленковиќ.

Тој нагласи дека со Макрон разговарал и за главните предизвици на хрватското претседавање со Унијата, за подготовките за самитот во мај и за Конференцијата за иднината на Европа, за Брегзит, како и за билатералните односи.

Макрон, од своја страна, нагласи дека сака да работи на јакнење на билатералните односи и најави дека покрај тоа што ќе дојде во Загреб на Самитот во мај, планира и да ја посети Хрватска во возвратна билатерална посета.

Слични содржини