Косовскиот претседател Хашим Тачи му порача на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, дека може да го одбие мандатот доколку не може да состави влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Со оглед дека повеќе од три месеци по изборите ВВ не успева да се договори со втората најгласана партија на 6 октомври, Демократскиот Сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, Тачи порача дека „луѓето во Косово гласаа за градење на институции, а не за градење непотребни вакууми“.
„Доколку Курти не прифаќа и не е подготвен да донесе одлука за да формира влада, тогаш може да го одбие мандатот, изјави косовскиот претседател“, нагласувајќи дека потпишаниот декрет за мандатирање на Курти се наоѓа на неговата маса.
Тој изрази уверување дека „Косово нема уште долго да биде блокирано“ и нагласи дека ќе ги разгледа „сите политички можности и варијации кои ги имаат партиите за почитување на граѓанската волја“.
„Сите граѓани кои гласаа треба да ги почитуваме и јас продолжувам силно да верувам дека ќе продолжиме да ги исполнуваме задачите кои ги имаме. Заради коректност, вие знаете за поканите кои му ги испратив на Курти за да го преземе правото на мандат за основање на владата“, изјави Тачи.
На неколкуте официјални обраќања на Тачи до ВВ, со барање да го информира кого го предлага за мандатар за формирање на новата влада, со цел да се деблокира формирањето на институциите, Курти одговори дека ќе го извести набргу, веднаш штом постигне договор со ЛДК.
Во неговото последно писмо, во понеделникот, лидерот на ВВ побара од Тачи да не му врши притисок и нагласи дека „Уставот на Косово не го познава дискреционото право на претседателот, ниту неговата активна улога во процесот на одредување на мандатарот“.