Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје при презентирање на наодите од мониторингот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопштија дека одлуките кои ги има донесено Комисијата во периодот што е предмет на анализа, најмногу се однесуваат на предмети кои се во областа на јавните услуги – 28 проценти и образование 24 проценти. Поголемиот дел од постапките (208) се запрени од различни причини, но 65 продолжуваат на понотамошна постапка.

Доколку се споредат донесените одлуки во различните области со типот на повреда која е утврдена се увидува дека најголем број од постапките биле поврзани со типот вработување и постапки на вработување, а најмалку за влијание врз регулатива.
Државната комисија за спречување на корупција во една петтина од случаите одлучила дека нема доволно податоци или елементи за покренување на постапка пред други органи по што ја затвора постапката и не покренува постапка пред други надлежни органи.
Позитивни се податоците дека повеќе од една третина од постапките се започнати од ДКСК по сопствена иницијатива – 26 проценти, по службена должност 7 проценти и по допрен глас од сознанија добиени од медиумите – 12 проценти.
При иницирање постапки кои се однесуваат на политичките партии ДКСК во повеќе од половина одлучува дека се непотврдени наодите наведени во пријавата или ги отфрла наодите. Само во 4 проценти од поднесените пријави утврдува дека постои корупција или судир на интереси и иницира понатамошна постапка.
Периодот на донесување од ДКСК, во периодот од март до септември, просечно е 2 месеци и 18 дена од поднесување на постапката од страна на поднесителот до донесување на одлуката.
Како главна цел за мониторингот на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата е следење на активностите на ДКСК и донесените одлуки по отворени предмети за различни сомневања за корупција или судир на интереси. Извештајот се потпира на анализа на документи кои се јавно достапни на веб страницата на ДКСК.
Предмет на анализа се одлуките донесени од Државната комисија за спречување на корупција во период од март 2019 до септември 2019 година. Вкупниот број донесени и анализирани одлуки на ДКСК изнесува 273, донесени на 22 седници.
И.Р.