Независниот академски синдикат (НАкС) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) веројатно ќе се здружат за да ја докажат својата репрезентативност. Сметаат дека е упад во синдикалното организирање повикот од ректорите да се формира, како што го нарекоа таканаречен или парасиндикат на јавните универзитети, кој треба да потпише колективен договор со единствена точка – покачување за 10 проценти на платите на вработените во високото образование. Сметаат вработените се уценети дека нема да го добијат она што веќе им е ветено. Претставници на НАкС утре претпладне имаат договорено средба со министерот за образование Арбер Адеми во МОН.
Претседателите на двата синдиката, кои минатата недела одвоено искажаа незадоволство, денеска излегоа на заедничка прес-конференција. Елена Џукеска, в.д. претседател на НАкС, изјави дека тој синдикат може да биде единствено таканаречен затоа што зад иницијативата на неговото основање не стои ниту еден вработен, туку е иницијатива на работодавач.
-Тоа не е само чин на омаловажување, маргинализирање и заобиколување на двата постојни синдиката, НАкС и СОНК, кои веќе делуваат во високото образование, туку е и директно кршење на Законот за работни односи, бидејќи член 195 експлицитно забранува работодавачот да се меша во основањето и функционирањето на синдикатите. Претставува и уцена врз вработените на вискокообразовните институции дека нема да го добијат ветеното и веќе договорено покачување на платата од 10 проценти додека не се основа овој синдикат. Тоа е упад во слободата на синдикалното организирање и чин на застрашување. Порачуваме дека не сме уплашени зашто академската заедница заслужува многу повеќе од 10 проценти, рече Џукеска.
Го повика МТСП да биде внимателно при запишување на тој синдикат во регистарот на синдикати и додаде дека борбата ќе ја продолжат со сите законски средства што им се на располагање, со поддршка на сите грански синдикати со кои соработуваат и ќе ги информираат и меѓународните синдикални организации.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков повтори дека се работи за упад во синдикалното организирање и дејствување што, како што рече, е лоша порака за демократизацијата на синдикалното движење затоа што се крши Уставот и меѓународните конвенции.
-Затоа повторно праќаме повик до оние кои го направија ова и се обидуваат да го регистрираат тој универзитетски синдикат кој би бил репрезентативен на ниво на работодавач – да прекинат со таа намера… Веројатно денес или утре ќе излеземе со изјава дека двата синдиката ќе се здружат, ќе го искористат законското право и ќе го докажат својот легитимитет односно репрезентативност на ниво на работодавач. Мислам дека согласно со Законот за работни односи ќе најдеме начин да бидеме репрезентативни и повеќе никој да не ги плаши вработените дека 10 отсто договорени со МОН нема да им бидат исплатени доколку не се зачленат во новоформираниот синдикат, изјави Неделков.
Додаде дека правото за 10 проценти на вработените може да им биде загрозено, како што рече, „по сила на сила“, ако не се зачленат и дека во тој случај ректорите и МОН ќе бидат виновни што спречиле да се зголемат платите за договорените 10 проценти.
-Имам спротивни информации – дека доколку не се земат 10 проценти ќе бидат виновни синдикатите. Тоа го цениме, исто така, како дополнителен притисок врз нашите синдикални организации, СОНК и НАкС, за разбивање на единството. Но не застануваме и сме сигурни дека ќе успееме во нашите права, на сметка на парасиндикати, жолти синдикати или т.н. синдикати кои се формираат по потреба и згаснуваат кога ќе им заврши употребната вредност, нагласи Неделков.