Здружението на новинарите на Македонија смета дека одлуката на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за финансирање на МРТВ со која се намалува буџетот на националниот јавен сервис за тековната година е опасен преседан.
Како што стои во денешното соопштение од ЗНМ, со предвидениот буџет за 2020 година на МРТ наместо 0,9 проценти од буџетот повторно ќе и бидат префрлени 0,8 проценти и според пресметките, нејзиниот буџет повторно би изнесувал околу 14,5 милиони евра. Според законското решение, се посочува, буџетот на МРТ требаше скалесто да расте, односно оваа година требаше да стигне до 0,9, а до година 1 процент од буџетот на РСМ.
– Со ваквата одлука на МИОА се нарушува концептот на финансиска независност на МРТВ, кој е еден од двата предуслова за слободни јавни сервиси. Го потсетуваме Министерството дека нема дискреционо право да предвидува колку треба да изнесува буџетот на јавниот сервис и дека ова е пример за тоа како политиката директно влијае на начинот на работата на јавниот сервис преку неоправдано кратење на фондовите кои се предвидени со закон, се подвлекува во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ бараат повлекување на ова решение за кратење на средствата, a со тоа и со избор на новите органи на управување ќе бидат исполнети двата предуслова за создавање на независен јавен сервис. Тоа, сметаат, ќе придонесе за реконструкција на јавниот програмски сервис и персоналниот состав во МРТВ.
– Свесни за потребата за реформи во МРТВ ги повикуваме власта и опозицијата да преземат одговорност и доследно да ги спроведат медиумските реформи пред распуштањето на Собранието. Со тоа ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера, се наведува во соопштението од Здружението на новинарите на Македонија.