Аушвиц 75 години потоа: Да не се повтори

од Aleksandar Petrovski
354 прегледи

Полска ја одбележува 75-годишнината од затворањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц во кој беа убиени повеќе од милион луѓе од 1940 до 1945 година.

Преживеаните од логорот на смртта Аушвиц-Биркенау се собраа денеска да ја одбележат 75-годишнината од затворањето на логорот, враќајќи се на место каде што ги загубија своите цели семејства и предупредија на раст на антисемитизам и омраза во светот.

Речиси 200 преживеани и семејства на жртви допатуваа од Израел, САД, Австралија, Перу, Русија, Словенија и други места.

Преживеаните денеска сакаа да ги споделат своите приказни, надевајќи се дека нивните пораки ќе стигнат до луѓето ширум светот, за да не се повтори холокаустот и другите злосторства што биле извршени во минатото.

Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот се слави денеска ширум светоткога Советските сили влегоа во комплексот Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, ослободувајќи ги останатите 7.500 затвореници.

По сесијата на Генералното собрание на ОН на 24 јануари 2005 година, на која беа одбележани шест децении од ослободувањето на тој логор, беше донесена одлука да се воспостави Ден на сеќавање на холокаустот.

Логорот на југ на Полска, на околу 70 километри од Краков, кој првично требаше да биде затвор за полски политички затвореници, беше ослободен од Црвената армија.

Во 1947 година, со одлука на полскиот Парламент, логорот во Аушвиц се здоби со статус на државен музеј и е единственото такво место што се наоѓа на списокот за светско наследство на УНЕСКО.

Концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, во кој повеќе од еден милион луѓе беа убиени од нацистите за време на Втората светска војна, повеќето од нив Евреи, е симбол на геноцид, холокауст и зло.

Евреи, воени затвореници, Полјаци, Роми и припадниците на другите малцинства умираа во гасни комори од глад, болести и присилна работа.

На годинешната комеморација учествуваа официјални делегации од 50 земји, меѓу кои и околу 20 шефови на држави или влади и претставници на меѓународни организации.

На нив им се обрати полскиот претседател Анджеј Дуда, почесниот покровител на настанот, кој се откажа од присуството на неодамнешниот Светски форум за холокаустот во Ерусалим, навреден затоа што не беше меѓу говорниците.

Аушвиц-Биркенау беше најголемиот од германските концентрациони логори и во кој беа убиени најголем број луѓе.

Околу 900.000 Евреи беа убиени во гасни комори веднаш штом пристигнуваа во логорот, а нивните тела запалени во крематориумот.

Другите умираа во нехумани услови, изолирани од надворешниот свет со бодликава жица.

Тие биле принудувани на работа и медицински експерименти.

Неколку дена пред ослободувањето, Германците принудија скоро 60.000 исцрпени затвореници да се упатат кон запад за да ги пренесат во другите концентрациони логори.

Се проценува дека за време на „смртниот марш“ умреле или биле убиени помеѓу 9.000 и 15.000 луѓе.

Слични содржини