Круцијалното прашање е дали драфт верзијата на Законот за Јавно обвинителство е текст на работна група или на Министерството за правда, бидејќи за мене е збунувачки тоа што имал различни размислувања од членовите на работната група, рече професорот Никола Тупанчески на Јавната дебата за Законот за Јавното обвинителство.
„Републичкиот јавен обвинител во принцип се согласи со предложениот Закон за Јавно обвинителство. Од техничка природа, Членот 32 од работната верзија на Законот, каде се пишуваат надлежностите на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во кој се користат различни критериуми. Не би требало во еден член четири пати различно да се настапува, создава правна несигурност. Одредување на најмалата казна, тоа е првиот стандард. Вториот е надлежноста на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Третиот стандард е, посебна глава, кривични дела за изборите. Оди со најмала казна, а потоа одиме кон цела глава за изборите. Треба да биде концизно, јасно и применливо“, рече Тупанчески.
Тој вели дека на работна група која година и пол работела и се провлекла грешка во надлежноста на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а одредбата 375 е нешто што е избришано во 2018 година.
„Замислете, Законот поминал низ сто раце, а тоа се провлекло. Значи, избришете го тоа, одредбата 375, мислам дека сите се согласуваме. За одредбата 108 имам забелешка, во која станува збор за одземање на надлежности од СЈО. Ако е целта и продолжување на предметите од СЈО, може Јавниот обвинител од Обвинителството за организиран криминал и корупција да ги продолжи. Не може обвинител кој е во ОЈО да постапува по предмети, надлежност од организиран криминал. Мора да се најде решение. Не треба првиот човек на СЈО да биде персонификација на целото обвинителство. Дел од нив конкурираат, но ќе има реален проблем“, рече Тупанчески.
А.Т.